Скопје – Пратеничката од данскиот Фолкетингет Мариане Бигум во интервју за МИА ја истакнува поддршката што Данска ни ја дава на патот кон ЕУ, нагласувајќи дека тие сакаат да им се придружиме во Унијта и оти се тука да ни помогнат на секој чекор од патот. Но, исто така, посочува и дека жали што тој процес за нас е долг и, вели, дека ја разбира фрустрацијата.
Таа заедно со неколкумина други пратеници беше во Скопје на средби во Собранието, со други официјални претставници и чинители од граѓанското општество.
– Ние сме тука да подадеме рака и да разговараме за тоа како можеме да и помогнеме на Македонија да стане членка на ЕУ. Тоа е единствената точка на нашата агенда, односно како можеме да помогнеме и да го олесниме овој процес, вели Бигум. Таа рече дека во однос на евроинтеграциите тие засега се фокусирани кон исполнување на Копенхашките критериуми. (23 септември)
Бешт: Макрон сака да ја види Северна Македонија како полноправна членка на ЕУ
Скопје – Ставот на Франција и на францускиот претседател Емануел Макрон е дека сакаме да го прошириме европското семејство и сакаме Северна Македонија да биде членка на ЕУ, вели вториот човек во француското МНР, Оливие Бешт, во интервју за „360 степени“.
Прашан за тоа каква е позицијата на Франција и на претседателот Макрон за проширувањето на Блешт вели дека „вистинското прашање што денес се поставува не е дали ЕУ сака да се прошири, ниту кога, туку како да го постигнетоа“ и нагласува дека „Северна Македонија е добредојдена во ЕУ и тоа колку побрзо, толку подобро“.
– Треба да се направат уште неколку напори, особено и другите држави членки, а ние како ЕУ ќе треба ја продолжиме нашата внатрешна реформа. Тоа значи продлабочување на заедницата за таа Унија да може да функционира не со 27, туку со 35 или повеќе земји, вели Бешт. (22 септември)
Маричиќ од Њујорк: ЕУ има план со кој ги отвора вратите за забрзано членство, од нас се очекува да ја искористиме шансата
Њујорк – Нашите стратешки партнери дејствуваат за напредок на Северна Македонија кон ЕУ и очекуваат да ја исполниме европската агенда, за задржување на динамиката и активноста на пристапните преговори со ЕУ, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во Њујорк каде претстојува како дел од владината делегација предводена од премиерот Димитар Ковачевски.
– Пораките беа јасни и недвосмислени, сите заедно треба да покажеме дека сакаме и имаме капацитет да ја исполниме нашата стратешка цел, а САД ќе бидат гласен поддржувач на нашата ЕУ интеграција. За уставните измени и целиот процес на преговори клучен останува политичкиот дијалог, волјата и одговорноста на сите од кои зависи извесноста на нашата европската перспектива, изајви Маричиќ. (22 септември)
Хрватин: Судскиот совет го изгуби кредибилитетот, мора да се преземат итни мерки да се надмине оваа состојба
Скопје – Судскиот совет како една од најважните институции која треба да гарантира независност, објективност, ефикасност и квалитет во правосудниот систем, за жал го изгуби кредибилитетот, изјави експертот за правни прашања Бранко Хрватин на средба со вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска.
Хрватин, кој раководеше со оценската мисија на ЕУ што се реализираше изминатава недела и која се очекува да предложи краткорочни и среднорочни мерки за реформа на Судскиот совет, нагласи дека мора да се преземат итни мерки за надминување на оваа состојба.
Грковска изрази благодарност до Хрватин за сиот ангажман што тој и неговиот тим го вложија во детектирање на слабостите во работата на Судскиот совет, но и за препораките што ќе бидат доставени, а кои за нашата држава ќе бидат основа за натамошни реформи. (23 септември)
Пендаровски во Њујорк ги одликуваше ОН со Орден на Република Северна Македонија
Скопје – Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на Генералното собрание на ОН, вчера попладне во Њујорк ја одликуваше Организацијата на Обединетите Нации со Орден на Република Северна Македонија.
Како што соопшти Кабинетот на претседателот, Пендаровски му го врачи одликувањето на генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш кое се доделува за големата помош и поддршка на ОН при справувањето со последиците од катастрофалниот скопски земјотрес и за непроценливиот придонес за обновата на градот Скопје, којшто прерасна во град на солидарноста и вистински симбол на пријателството меѓу народите.
Пендаровски оствари и средба со генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш на која се разговараше за севкупните активности на земјава во ОН, како и за улогата на организацијата во справувањето со глобалните предизвици. (23 септември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поиврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.