Скопје – Во тековните геополитички услови, Северна Македонија, како и земјите од регионот, се активни и одговорни партнери кои придонесуваат во обликувањето на европската безбедносна иднина, изјави заменик-министерот на надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, кој на покана на Институтот за соработка и развој од Албанија, учествува на 11-тото издание на Tirana Connectivity Forum, што се одржува денеска и утре во Тирана.
Како што соопшти МНРиНТ, форумот опфаќа повеќе панел-дискусии, меѓу кои и панелот „South East Europe 6 as a Security Provider“, на кој Димитровски се обрати како говорник заедно со Пиро Венгу, министер за одбрана на Албанија и Атанас Запрајанов, министер за одбрана на Бугарија, како и со амбасадорот Ивица Боцевски и специјалниот пратеник за Западен Балкан на Унгарија, Жолт Бунфорт.
– Моменталната безбедносна и геополитичка ситуација треба итно и без одлагање да внесе нов, подинамичен момент во евроинтеграцискиот процес на сите земји од Западен Балкан. Во овој контекст, важно е да се нагласи дека проширувањето на ЕУ е најсилната гаранција за безбедноста на Европа. За #SSE6, интеграцијата мора да носи јасна перспектива за членство – без тоа инфраструктурата, коридорите и проектите губат смисла. Проширувањето не е избор, туку стратешка нужност, истакна Димитровски.
Во врска со регионалната поврзаност, заменик-министерот посочи на клучната позиција на земјата.
– Земјите од Западен Балкан лежат на значаен крстопат, интегрално во границите на ЕУ. На територијата на Северна Македонија се вкрстуваат Пан-европските коридори 8 и 10 – поврзувајќи го Јадранското со Црното Море и пристаништата на Егејското Море со Централна и Северна Европа. Инвестирањето во овие два коридора претставува витален придонес за економската и безбедносната инфраструктура на Европа. Овие коридори не се само транспортни рути, туку витални линии кои ги поврзуваат сојузниците, го зајакнуваат одвраќањето и градат отпорност низ регионот, изјави Димитровски.
Тој ги поздрави и иницијативите на ЕУ, како што се заедничката Бела книга за европската одбранбена подготвеност 2030 и предложениот инструмент SAFE. Во овој контекст, подвлече дека вклучувањето на земјите кандидати во заедничките напори за набавка и градење на одбранбени капацитети не само што ќе ја подобри нашата отпорност, туку ќе ја обезбеди и одбранбената конфигурација на Европа во иднина да биде репрезентативна за целиот опсег на нејзиниот геополитички простор.
На маргините на состанокот, Димитровски учествуваше и на сесијата „Комуницирање за проширувањето 2030“ заедно со неговите колеги од земји членки на Европската Унија и од Западен Балкан.
На овој Форум учествуваат високи политички претставници, креатори на политики, експерти и медиумски личности за да дискутираат за проширувањето на ЕУ и неговите импликации за регионот и за Унијата. (16 септември 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.