Скопје – Основниот кривичен суд во Скопје ја прогласи за виновна поранешната директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, Лидија Димова за кривичното дело „злоупотреба на службена положба и овластување“ и ја осуди на казна затвор од две години.
Димова треба да плати судски паушал од 10 илјади денари (163 евра) и да ги покрие судските трошоци, како и во рок од шест месеци да ја надомести и штетата од 22.725.220 денари (над 369.000 евра) на Националната агенција.
Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска ја ослободи Димова од обвинението за делото „измама“.
Димова во текот на 2018, 2019 и 2020 година, како директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, со намера за друг да прибави значителна имотна корист, ја употребила својата службена положба и овластување на начин што со неизвршување на својата службена должност, постапила спротовно на Законот за јавни набавки и со нестручно и несовесно постапување овозможила противправна имотна корист на трети лица.
– Во делот на измама на штета на европските фондови не е опишан начинот на кој е извршено делото и не е јасно наведено на кој начин, дали и како биле искористени лажните податоци. Без вакви елементи недостига основ на делото „измама“ и судот беше спречен објективно да оцени дали обвинетата пропуштила и дала невистините податоци и со тоа предизвикала штета на фондовите на ЕУ. Судот во тој дел беше должен да донесе ослободителна пресуда, рече судијката Јанчулева Михаиловска.
Обвинението против Димова е поднесено во јуни 2022 година.
Според Обвинителството Димова, во периодот од 2018 до 2020 година, како директорка на Национална агенција за европски образовни програми и мобилност, непочитувајќи ги начелата на законитост, еднаквост и јавност, без да објави јавен конкурс, не постапила совесно, стручно и непристрасно и ги дискриминирала потенцијалните кандидати, овозможувајќи повластување на повеќе надворешни лица со кои склучила поединечни договори и ги ангажирала како соработници, експерти, обучувачи и др. (18 септември 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
