Копенхаген – Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска се обрати на панел дискусијата насловена „Безбедност и отпорност – традиционални и нови закани”, во рамки на Седмиот состанок на Европската политичка заедница којшто се одржува во Копенхаген.
Споменувајќи ги војната во Украина, конфликтот на Блискиот Исток и транснационалните закани, односно организираниот криминал, нелегалната миграција, сајбер нападите и злоупотребата на вештачката интелигенција, како предизвици за мирот и стабилноста на Европа, Сиљановска-Давкова истакна дека државава во сите горенаведени случаи прави напори да делува конструктивно.
– Но, треба и натаму да се работи. Европа не може да биде целосно безбедна се додека Западен Балкан е надвор од Европската Унија. Нашите ранливи точки се ранливи точки на Европа. Особено по војната во Украина, ЕУ не може сериозно да тврди дека се бори против злоупотребата на информации од странски служби, против хибридните закани и надворешното мешање во Европа, оставајќи го Западен Балкан надвор. Исто како царот во приказната на Ханс Кристијан Андерсен кој парадирал во невидливо ново руво, ЕУ ризикува да се излаже себеси ако зборува за единство и отпорност, оставајќи ја мојата земја и регионот на Западен Балкан изложени токму на овие закани, рече Сиљановска-Давкова.
Таа посочи дека евроинтеграцијата на земјите од регионот на Западен Балкан мора да се заснова исклучиво на Копенхагенските критериуми.
– Најефикасен начин да се заштити Западен Балкан е да се врати пристапувањето базирано на кредибилитет и заслуги, засновано исклучиво на Копенхагенските критериуми. Тоа подразбира ставање крај на билатерализацијата на интеграцијата, што ја намалува отпорноста на регионот и на Европа. Токму тоа треба да започне со мојата земја. Поминаа дваесет долги години откако добивме кандидатски статус. И покрај доследно спроведените реформи, неоправданите политички пречки продолжуваат да го блокираат нашиот напредок и да ја кородираат јавната доверба во проширувањето, вели претседателката Сиљановска-Давкова.
Во однос на македонскиот евроинтегративен пат, таа потенцираше дека не е логично ЕУ себеси да се дефинира како „единство на различности“ и почитување на културните, јазичните и националните идентитети, а од нас да бара да преговараме за својата историја, култура и јазик.
– Честите уставни промени инспирирани однадвор, досега 36 на број, претставуваат опасност од суспендирање на парламентарната демократија. Ваквите шеми не се чекор на реформи, туку знак на кршливост. И покрај овие пречки, европската интеграција останува наша најголема инспирација и стратешка аспирација. Македонските граѓани сакаат европска иднина. Нашето 100% усогласување со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, вклучително и поддршката на Украина, е стратешки и принципиелен избор. Иако не сме членка на ЕУ, подготвени сме да придонесеме во безбедносната архитектура на Европа. Целосно сме подготвени да го отвориме Кластер 1, Основи, и веќе ја спроведуваме Агендата за реформи на Планот за раст 2024-2027. Но, како што истакна претседателката на Европската комисија, Европската Унија мора што поскоро да го скрши оклопот на консензусот ако сака да го заврши повторното обединување на Европа и повторно да стане геополитички фактор, рече Сиљановска-Давкова, заклучувајќи дека „Ако ЕУ сака да биде геополитичка унија, не смее да го остави Западниот Балкан во геополитички вакуум“. (2 октомври 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.