Скопје – Започнувајќи од утре, граѓаните и компаниите од Северна Македонија ќе можат побрзо и поевтино да ги извршуваат плаќањата во евра со земјите од Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Историскиот чекор којшто се направи кога Европскиот совет за плаќањата го прифати барањето на нашата земја за приклучување кон СЕПА им овозможи на домашните банки да се интегрираат во европските платежни шеми во кои учествуваат давателите на платежни услуги од уште 40 земји, информираат од Народната банка (НБ).
– Девет банки веќе се целосно подготвени да започнат со извршување плаќања во рамките на шемата за кредитни трансфери СЕПА на почетокот на октомври 2025 година. Уште три банки интензивно работат на интеграцијата во оваа шема на СЕПА и се очекува дека ќе завршат најдоцна до крајот на првиот квартал од 2026 година, согласно рокот утврден со одлука на Народната банка, соопштија од НБ.
Граѓаните ќе им плаќаат на банките во просек за шестпати помалку за електронско плаќање на износ од 500 евра кон земјите од СЕПА, коешто чини околу 260 македонски денари (4,2 евра) наспроти 1600 денари (26 евра) колку што плаќаат во моментов преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, граѓаните ќе плаќаат во просек двојно помалку, односно 140 денари (2,3 евра) наместо сегашните 280 денари (4,6 евра).
Исто така, значително се намалуваат и трошоците на компаниите кон банките. Така, за плаќање во евра кон земјите во СЕПА на износ од 20.000 евра, компаниите ќе плаќаат во просек за осумпати помалку, односно надоместокот ќе изнесува околу 570 денари (9,3 евра) наспроти 4.740 денари (77,1 евра) преку кореспондентното банкарство. За приливите во евра на истиот износ од земјите во СЕПА, компаниите ќе плаќаат во просек тројно помалку, односно околу 390 денари (6,3 евра) наспроти 1.180 денари (19,2 евра) преку кореспондентното банкарство.
– Народната банка и Македонската банкарска асоцијација ги повикуваат граѓаните и компаниите да ги користат придобивките од подготвеноста на банките за извршување на плаќањата во СЕПА од 7 октомври, при што во интерес на ефикасноста ги охрабруваат сѐ повеќе да ги користат дигиталните канали, се нагласува во соопштението од Народната банка. (6 октомври 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.