Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарски прашања во врска со новиот ЕЕС систем за контрола на граничните премини и дали превозниците ќе имаат олеснувања, рече дека најмалку што може да направи ЕУ, ако навистина сакаме до 2030 да го видиме регионот како дел од Европа, е да не не дискриминира.
– Имаше регионална иницијатива не само од наша страна туку и од останатите шест земји од Западен Балкан. Треба час поскоро да се разгледа тоа и да се олесни пристапот на превозниците и онаа зелена лента што се најавуваше од Европската комисија да профункционира, и мислам дека тоа нема биде проблем. Но, она што јас ќе го покренам како прашање и на дискусијата сега со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, но и на Берлинскиот процес, ќе биде токму тоа – кога ќе слетате на било кој европски аеродром на земја членка на ЕУ има натпис „граѓани на ЕУ“ и „граѓани кои не се од ЕУ“, а се дел од Европа и други граѓани, и ако навистина сакаме до 2030 да го видиме регионот како дел од Европа мислам дека најмалку што може да направи ЕУ е да не не дискриминира, сите да можеме да бидеме граѓани на Европа, потенцира Мицкоски.
Според него, не треба да бидеме дискриминирани зашто не сме дел од ЕУ и треба да поминуваме на брза трака, бидејќи сите поседуваме биометриски пасоши.
– Како велат тие, „Ако има волја има и начин“. И еве ова нека биде првата испорака што би ја дала Европската Унија за Западен Балкан и ова ќе биде дел од мојата дискусија со претседателската на Европската комисија Фон дер Лајен и со моите колеги и колегите од ЕУ за време на Берлинскиот процес, нагласи Мицкоски, по средбата со претставници на Стопанска комора на северо-западна Македонија, во рамки на изборната кампања.
ЕУ од вчера воведе нов систем на контрола на граничните премини за државјани од земјите надвор од шенген-зоната. Станува збор за почеток на работа на Системот за влез/излез (Entry/Exit System – EES) на Европската унија, кој дигитално ги бележи податоците за влез и излез на државјани од т.н. трети земји и го заменува досегашното рачно печатење на патни исправи.
Со новите правила се укинува досегашното физичко печатирање на пасошите – контролата ќе се врши електронски, а податоците ќе вклучуваат биометриски информации: фотографија и отпечатоци од прсти. По првичното внесување на податоците, патниците ќе поминуваат побрза проверка. Некои земји ќе овозможат и самостојна контрола преку автоматизирани уреди, наведува Комисијата. Системот ќе биде целосно функционален од 10 април 2026 година и треба да помогне во откривање нелегален престој и злоупотреби на документи. (13 октомври 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.