AFP, ANSA, BTA, CTK, dpa, Lusa, STA
Секој Европеец што во последниве години морал да се пресели веројатно се нашол сред истиов кошмар: Куќите и кириите се сè поскапи, сметките за комуналии се сè повисоки, а пазарната понуда на станови е оскудна и треба да се изнајдат сè понезамисливи начини за да се дојде до олку тешко достапниот договор за стан.
Европа има проблем со станбеното прашање. Иако Европската Унија нема директна надлежност врз домувањето, Брисел сфаќа дека проблемите растат. Во еден говор на 29 септември, Ден Јергенсен, првиот досега еврокомесар за домување, рече дека кога станува збор за станбеното прашање, станува збор за „самото срце на нашата европска демократија“.
– Не само за тули и малтер. Не само за понуда и побарувачка. Станува збор за основните права и достоинство на нашите жители. За сплотеноста на нашите заедници, граѓата на нашето општество, конкурентноста на нашата економија, рече тој.
– Низ цела Европа има опипливо чувство на неправда, особено кај младите, додаде.
Брз увид во статистиката: различни ситуации во земјите членки на ЕУ
Без оглед чии статистички податоци ги гледаме, показателите посочуваат криза:
- Во минатите 15 години, цените на становите се покачиле за 60,5%, според податоците на Евростат објавени во минатиот петок. Унгарија е на првото место, со покачување на цените од 277%, по што следи Естонија (250%).
- Само во Италија цените на становите паднале меѓу 2010 и вториот квартал од 2025 – и тоа за 1%. Истото важи и за кириите: Биле покачени во 26 од 27-те земји членки, во просек за 28,8% и до 218% (во Естонија). Само во Грција кириите се намалиле – за 9%.
- Во вториот квартал од 2025, цените на становите пораснале за 5,4% во ЕУ, соопшти Евростат. Кириите поевтиниле за 3,2% на годишно ниво.
- Во Бугарија, на пример, имало стрмен пораст на цените на становите, од 15,5% (малку помалку од рекордниот пораст од 18,3% во последниот квартал од 2024). Исто и станбените кредити во земјата достигнале рекордни нивоа. Според податоците на Бугарската народна банка, вкупно изнесувале 30,2 милијарди лева (15,4 милијарди евра), што е пораст од 27,4% на годишно ниво.
- Во Германија, студентите се особено погодени од покачувањето на кириите, бидејќи киријата по соба во заеднички стан е покачена за 6,2% на годишно ниво, според податоците од 2023.
Плата колку да се преживее
Сè поголем број домаќинства се соочуваат со станбени трошоци коишто не можат да ги подмират, а нив Европскиот парламент ги дефинира како станбени трошоци повисоки од 40% од приходот што го има домаќинството на располагање.
- Според најновите податоци на Евростат, во 2023, 8,8% од жителите на ЕУ потрошиле за домување повеќе од 40% од нивниот расположлив приход. Најмногу од овие жители живеат во Грција (28,5%), а најмалку во Кипар (2,6%).
- Во Берлин, една третина од домаќинствата не можат да си дозволат стан под кирија.
- Околу 70% од граѓаните поседуваат свој стан. Многу луѓе во Источна Европа имаат сопствен стан, но становите се сè поскапи во западните големи градови.
- Во Чешка и Унгарија, на пример, еден просечен стан сега чини околу 13,6 пати повеќе од просечната годишна плата. Португалија е единствената земја во која е уште поскап. Од друга страна, пак, во споредба со другите земји од ЕУ, кириите се пониски само во четири други земји, според рангирањето на Чешката штедилничка банка и порталот „Европа преку податоци“.
Динамика на побарувачката: демографија, миграција, урбанизација
Како дојдовме довде? Има неколку фактори што придонесуваат за актуелниов притисок врз станбениот пазар.
- Промени на населението: Урбанизацијата врши притисок врз градовите. Преселбата во градовите повторно порасна по пандемијата на Ковид-19.
- Миграциски текови: И преселбите во рамките на ЕУ и дојденците од трети земји ја зголемуваат побарувачката.
- Демографски трендови: Стареењето на населението и смалувањето на домаќинствата (со сè побројни едночлени домаќинства) дополнително ја ослабнуваат понудата.
- Трошоци: Сè повисоките трошоци за струја, исто така, ја засилуваат побарувачката на помали станови. А и зголемените каматни стапки ја зголемуваат побарувачката на станови под наем.
- Туризам: Платформите за краткорочно изнајмување на станови на туристи, како Ербиенби, ги тераат жителите да си заминат од туристичките центри.
Ограничена понуда: тесни грла и правила во градежништвото
Некои земји трошат значителен износ од својот БДП на градежништво, понекогаш со добри резултати, понекогаш не.
- Тесни грла во планирањето: Како пречки се наведуваат строгото зонирање и долгите процеси на издавање дозволи, како и феноменот „Не во мојот двор.“ Во Франција, градоначалниците велат дека им е сè потешко да постигнат рамнотежа меѓу потребите и противењето. – Парадоксално, речиси секој ден ни се обраќаат жители на кои им се потребни живеалишта, а во исто време добиваме судски тужби од противниците на ширењето на градското подрачје, дури и кога станува збор за изградба на студентски домови, рече Жан Барсегијан, градоначалничката на Стразбур.
- Градежништво: Недостатокот на работна сила и зголемените трошоци за материјали предизвикуваат застој во градењето. Новите градби во Франција се соочуваат со сериозна криза речиси три години поради зголемените трошоци за градење, повисоките каматни стапки што го попречија купувањето недвижен имот од страна на бројни домаќинства и истекувањето на мерките за поддршка на изнајмување стан. Вкупно, беа издадени одобренија за изградба на 365.179 станови од септември 2024 од август 2025 г., „што е за 14% помалку од просекот во претходните пет години“, според податоците на Министерството за регионално планирање.
- Испразнети села и гратчиња: Парадоксално, некои региони имаат прекумерна понуда, но мала побарувачка. На пример, испразнетите населени места во поранешниот комунистички исток на Германија смислија нова шема за враќање на жителите: нудат неколку недели суперевтина кирија за на потенцијалните нови жители да им овозможат да го запознаат местото. Источна Германија би можела да загуби 8-16% од своето население во текот на следните 20 години, според статистичкиот институт Дестатис.
- Застарени згради: Половина од станбениот фонд во Европа е изграден пред 1980 година, а голем дел од него треба да се реновира. Многу згради се енергетски неефикасни и усогласувањето на тие куќи и станови со новите стандарди на ЕУ ќе биде скапо и ќе потрае долго, се вели во јунскиот извештај на Европската инвестициска банка.
Разноразни политики
Земјите членки на ЕУ се трудат да изнајдат сопствени решенија така што или го зголемуваат бројот државни станови, воведуваат даночни олеснувања или ги ограничуваат кириите.
На пример, во австриската престолнина Виена, околу една третина од населението добива некакви субвенции за домување. Но во Германија, политиката на ограничување на кириите во Берлин во 2024 г. ја поништи највисокиот суд во земјата.
Португалската влада кон крајот на септември усвои низа мерки за справување со кризата со станбеното прашање, кои опфаќаат и пониски даноци за жителите и зголемен данок за купување недвижен имот од страна на граѓани што не живеат во Португалија. Мерките вклучуваат и зголемување на даночните одбитоци за кирија и намалување на данокот за сопствениците на недвижен имот коишто наплаќаат умерени кирии. Ќе има и пониска стапка на ДДВ од 6% за изградба на станови со продажна вредност од околу 648.000 евра, а и стапка на ДДВ од 6% за станови под кирија со максимален износ до 2.300 евра. Овој даночен режим ќе се применува до 2029 г.
Владата соопшти и дека соработува со банките за да се изнајдат нови инструменти за пофлексибилен пристап до станбени кредити и градежен капитал. – Ова е ударна политика, оти сакаме да го придвижиме градежништвото и пазарот на недвижен имот за изнајмување, рече премиерот Луиш Монтенегро.
Италија лани воведе план за решавање на станбеното прашање, со особена поддршка на младите семејства. На 30-годишна возраст, младите во Италија се едни од Европејците што најдоцна ги напуштаат родителските домови. Според Евростат, просечната возраст во ЕУ е 26,3 години. Вицепремиерот Матео Салвини рече дека биле одвоени средства од 660 милиони евра за повеќегодишна борба против станбените тешкотии, за донесување нови станбени политики и за реорганизирање на постојната понуда. Рече и дека очекува повисоки средства во следниот буџет. Планот предвидува и јавни гаранции за хипотеки за прв стан, бидејќи семејствата во големите градови сè поретко можат да си дозволат да купат стан.
Во август, парламентот на Словенија донесе закон за финансирање државни станови за изнајмување, според кој ќе се изградат 20.000 државни станови што ќе се даваат под кирија во следните десет години со помош на 1 милијарда евра државни пари. Државата неодамна донесе и закон со кој се ограничува краткорочното изнајмување, што донекаде би требало да ја зголеми понудата на станови за изнајмување.
Европски план за поволно домување
На ниво на ЕУ, комесарот Јергенсен планира да започне „План за поволно домување за Европа“ во кој има за цел да ги комбинира активностите на ЕУ со националните, регионалните и локалните напори за обезбедување подмирливи станбени трошоци.
Планот предвидува:
- Нов бран инвестиции: Ова значи да се удвои поддршката на ЕУ за домување во рамките на политиката на кохезија и да им се олесни на земјите членки, градовите и регионите да насочат повеќе средства од ЕУ кон поволно домување.
- Преиспитување на правилата за државна помош и олабавување на ограничувањата на националните трошоци за да им се олесни на владите да поддржуваат проекти поврзани со станбеното прашање.
- Мобилизирање на приватни инвестиции.
- Нови модели на финансирање и подлабока соработка меѓу државните и приватните инвестиции, вклучително и преку паневропска инвестициска платформа за поддршка на државни станови, студентски домови и поволно домување.
- Кратење на бирократијата: намалување на бирократските бариери во планирањето, издавањето дозволи и набавувањето, како на ниво на ЕУ, така и на национално ниво.
- Мобилизирање на европските градежни ресурси, иновации и работна сила.
- Поддршка за градовите и регионите под притисок.
- Фокус на ранливите групи: млади луѓе, семејства и бездомници.
- Размена на најдобри практики.
- Енергетска ефикасност: модернизација и изолација на станбени згради, намалување на непотребното трошење струја и намалување на комуналните трошоци на жителите.
- Вклучување на засегнатите страни: Планот се развива со помош на стручни лица, засегнати страни, народни претставници и граѓани, со отворена покана за придонес и од други.
Во однос на станбеното прашање, не постои едно и едноставно решение за проблемот. Треба да се наредат многу работи, а дури и кога планот на ЕУ ќе биде целосно имплементиран, веројатно ќе треба да поминат години за да се видат резултатите. Дотогаш, кираџиите, носителите на хипотеки и купувачите на станови во Европа остануваат под притисок.
Сторијата се објавува неделно. Содржината се заснова на вести од агенциите што учествуваат во ЕНР.