Скопје – На Северна Македонија и се потребни 56 години за да го стигне европскиот просек во однос на стандардот и условите на живеење, покажува извештајот подготвен од страна на осум организации од Западен Балкан којшто е фокусиран на приближување на земјите од регионот кон Европската унија.
– Навидум, оваа бројка звучи дека е песимистичка односно многу долга, но постојат многу фактори кои можат да го забрзаат тој процес и тоа е пораката на која треба да се фокусираме како општество. Во рамки на истражувањето направени се неколку сценарија кои кажуваат дали овој период ќе се намали доколку имаме полноправно членство во Европската унија, имаме пристап до пазарот, имаме пристап до фондови или имаме продолжена институционална поддршка. Сите сценарија, особено во клучните области – економија, социјални политики и дигитализација, ни даваат јасна слика дека состојбите ќе се поместат многу, дури дел од нив ќе се преполоват, доколку имаме полноправно членство или пристап до европските фондови, вели Виктор Митевски, извршен директор на Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ).
Она кон што треба да се фокусираме како држава е зголемување на продуктивноста, инвестирање во попаметни социјални трансфери кои ќе бидат насочени кон активација, како и инвестирање во дигитализацијата и инфраструктурата. Според Митевски, зголемувањето на платите може да влијае на поттикнување на економските текови и економски раст, но потребно е овој тренд да биде проследен со раст на продуктивноста.
Според податоците од извештајот, бруто платата во земјава е околу 1.000 евра, а тоа е една третина од просечната плата во ЕУ која изнесува околу 3.000 евра. За да го стигнеме европскиот просек ќе ни бидат потребни 40 години.
Во однос на Бруто домашниот производ стоиме подобро, бидејќи нашиот БДП е 42 проценти по глава на жител, меѓутоа стапката на раст е поспора во однос на земјите од Европската унија што значи дека сепак ќе ни треба повеќе време за да го стигнеме овој просек.
Во делот на образованието, од вкупно шест индикатори, во четири се Северна Макеоднија оддалечуваме од Европската унија. Единствено има напредок во делот на запишување студенти на факултетите.
Во делот на здравството и дигитализацијата има напредок и постојат шанси да се стигне европскиот просек.
Извештајот за конвергенцијата на Западен Балкан кон Европската унија е резултат на речиси едногодишна работа на осумте организации кои беа вклучени во неговата подготовка. Тој беше промовиран денеска на денот кога Здружението за истражување и анализи (ЗМАИ) одбележува 11 години од основањето. (20 октомври 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.