Скопје – Северна Македонија е домаќин на Министерскиот форум ЕУ – Западен Балкан за правда и внатрешни работи, во рамки на Претседателството на Шпанија со Советот на Европската Унија, што ќе се одржува денеска и утре во Скопје.
На дводневниот форум ќе учествуваат министри за правда и внатрешни работи на државите од Западен Балкан и ЕУ, кои го претставуваат актуелниот претседавач Шпанија и наредните две држави претседавачи Белгија и Унгарија, европските комесари надлежни за внатрешни работи и правда, директорите на Европол, Фронтекс и Европравда, како и останати високи претставници на меѓународните организации од областа на правда и внатрешни работи.
Првата сесија од Министерскиот форум е посветена на областа внатрешни работи со фокус на темите Внатрешна безбедност и Зајакнување на управувањето со миграција, азилот и надворешни граници. (26 октомври)
Маричиќ: Северна Македонија има место во ЕУ, сега е момент за забрзување на пристапниот процес
Брисел – Актуелните политички настани во земјата, скрининг процесот, очекувањата пред објавувањето на Извештајот за напредокот и посветеноста на ЕУ да се создаде погодна средина за нејзино проширување до 2030 година, беа во фокусот на разговорите на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ со претставници на Европската комисија во Брисел.
Маричиќ се сретна со еврокомесарите за проширување и за буџет и администрација, Оливер Вархеји и Јоханес Хан, со директорот на Директоратот за соседство и проширување Герт Јан Копман, заменикот генерален директор за Западен Балкан во ЕЕАС, Марко Маковец и со советникот за надворешна политика на претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел, Симон Морду.
Пораката е јасна дека регионот мора да се подготви побрзо за членство во ЕУ и со конкретни чекори суштински да се придвижува кон целосна интеграција во Унијата,
Бојан Маричиќ, вицепремиер за европски прашања
– Северна Македонија има место во ЕУ, сега е момент за забрзување на пристапниот процес. Со новиот план на ЕУ за забрзана интеграција на Западен Балкан пораката е јасна дека регионот мора да се подготви побрзо за членство во ЕУ и со конкретни чекори суштински да се придвижува кон целосна интеграција во Унијата, порача Маричиќ. (25 октомври)
Рама: Бракот со ЕУ е најтежок, но вреди
Тирана – Албанскиот премиер Еди Рама во својот говор во Европската комисија на отворањето на форумот „Глобална порта“ зборуваше за актуелните предизвици на Европа, како и за развојните приоритети и порача дека Албанија и Западен Балкан треба да бидат составен дел од европските програми за финансирање, јави abcnews.al.
– Ова е најтешкиот брак, но вреди. Јас имав неколку неуспеси во бракот, но откако ја најдов вистинската и сум среќен со неа, верувам дека тоа ќе се случи и со Албанија и другите кога ќе се венчаат со ЕУ, изјави Рама.
Само помислете, посочи тој, дека сме опкружени со граници на ЕУ, а „нашите соседи од ЕУ добиваат 4517 евра по глава на жител од самата Европска Унија а тоа што го добиваме не во Е, без Б е само 138 евра по човек“. (25 октомври)
ЕВРОМЕТАР 2023: За мнозинството граѓани ЕУ е најдобрата алтернатива, но нејзиниот однос кон Северна Македонија е нефер
Скопје – Мнозинството граѓани во земјава сметаат дека влезот во ЕУ е добра работа и дека Унијата е најдобра алтернатива за државата, но исто така мнозинството смета и дека односот на ЕУ кон Северна Македонија е нефер, надмен и уценувачки.
Според резултатите од анкетата ЕВРОМЕТАР 2023, 53 проценти од испитаниците се согласуваат дека влезот во ЕУ е добра работа за земјава, споредено со 49 отсто во 2022 година, додека 30 проценти не мислат така. На прашањето „каков е односот на ЕУ кон Северна Македонија”, 55,8 проценти сметаат дека односот на ЕУ е нефер (65 отсто во 2022), надмен и уценувачки, наспроти 27,5 отсто кои рекле дека односот на ЕУ е фер, пријателски и коректен (17 отсто во 2022).
За 60,8 проценти од испитаниците ЕУ е најдобра алтернатива за земјава, што е раст од 2 проценти во однос на 2022 година кога вака одговориле 58 проценти, наспроти 35,6 отсто, кои сметаат дека земјта треба да бара сопствен модел за развој надвор од ЕУ (33 отсто во 2022). (24 октомври)
Изложба на илустрирани постери и видео анимации за заштита на податоците во дигиталниот свет
Скопје – Евроамбасадорот Дејвид Гир денеска ја отвори изложбата „Стаклена соба: Дигиталниот свет- стапица за вашите лични податоци“, во организација на Делегацијата на ЕУ и Македонскиот институт за медиуми.
– Во Европската Унија, во тек е процесот на преобмислување на целото законодавство што се однесува на користењето на дигиталниот свет. На тој начин се обидуваме на Европската Унија да воспоставиме еднакви правила на игра за сите, исто така, и да ги заштитиме податоците на корисниците, рече на отворањето Дејвид Гир.
Тој потсети дека законодавството претставува еден дел од приказната, а од другата страна е на кој начин да ги направиме попаметни корисниците во однос на споделувањето информации по социјалните мрежи. (25 октомври)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.