Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Како што Северна Македонија напредува во реформите, така го трасира својот пат кон ЕУ, објави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен на платформата Икс по вечерашната средба со шефот на државата Стево Пендаровски во Скопје. 

– Со нетрпение очекуваме да ви посакаме добредојде вам, на вашиот посебен идентитет и на вашиот јазик, македонскиот јазик, наведе Фон дер Лајен, изразувајќи задоволство што нејзината турнеја низ земјите од Западниот Балкан во следните три дена ја започнува токму од Скопје. 

Како што претходно соопшти Кабинетот на Пендаровски, на средбата станало збор за натамошните фази во преговорите по завршување на скриниг прoцесот и за динамиката на спроведување на реформите, за претстојниот извештај на ЕК за напредокот, за Планот за раст на Западниот Балкан, како и за стратешката важност од спроведување на измените на Уставот. (29 октомври)

Маричиќ-Рејндерс: Владеењето на правото нема алтернатива, реформите мора да продолжат во интерес на граѓаните

Скопје – Владеењето на правото и консензусот се клучни на патот кон ЕУ и Северна Македонија мора да го забрза усогласувањето со најдобрите практики и процедури на ЕУ, во оваа најважна област од преговарачкиот процес, заклучија вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс на средба во Скопје, на која разговараа за клучните теми за процесот на евро интеграција, како што се владеењето на правото и судските реформи.

Средба на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ и еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс во Скопје, Фото: МИА

Вицепремиерот ја искористи приликата да се заблагодари за поддршката на ЕУ за Северна Македонија во процесот на евроинтеграциите, како и во реформските процеси во областа на правдата, додавајќи дека интензивно се работи на исполнување на европската агенда, со цел побрз напредок на нашата држава на патот кон членство во ЕУ. (27 октомври)

Рејндерс: Унапредувањето на владеењето на правото е клучно барање за напредок во процесот на преговорите со ЕУ

Скопје – Унапредувањето на владеењето на правото е заеднички приоритет и за ЕУ и за партнерите од Западниот Балкан. Тоа е фундаментална вредност на ЕУ, двигател на процесот за пристапување на земјите во Унијата и клучно барање за напредок во процесот на преговорите, порача еврокомесарот за правда Дидие Рејндерс на заедничката прес-конефернција во Скопје со министрите за правда на Шпанија и Северна Македонија, Марија Пилар Лоп Куенка и Кренар Лога на Министерскиот форум ЕУ-Западен Балкан за правда и внатрешни работи.

Тој потенцира дека зајакнување на владењето на правото е комплексно прашање и бара постојани напори, а ЕК има намера да ги отовори преговорте со земјите патрнети кои побрзо ќе ги завршат реформите и ќе обезбедат транспарентен и ефикасен правосуден систем. Тоа, рече, е изводливо ако постои доверба на граѓаните и реформи за отчетност во правосудството. (27 октомври)

Маричиќ: Како никогаш досега во Брисел не гледаат како идна членка на ЕУ 

Брисел – Kако никогаш досега прашањето за проширување е актуелна тема во Унијата и на Северна Македонија се гледа како на идна членка на ЕУ, порача синоќа во изјава за МИА вицепремиерот Бојан Маричиќ на крајот на неговата работна посета на Брисел. 

Изјава на вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ за МИА. Фото: МИА

Тој нагласи дека неговата посета во Брисел беше реализирана во специфичен период од годината, во пресрет на објавувањето на Извештајот за напредокот на земјите кандидати за членство во Унијата, но и во време кога се очекува конечно да биде објавен Планот за раст на Западниот Балкан на ЕК. 

– Тоа е еден план што ни овозможува имплементација на некои политики на ЕУ во нашите земји пред членството. Значи, тоа е еден вид на интеграција пред членство. Тоа е план којшто треба да ни овозможи повеќе шанси за нашите млади, за нашата бизнис заедница и план кој треба да ни овозможи повеќе шанси и за институциите и за граѓаните пред пристапувањето, истакна Маричиќ, посочи дека со планот ќе ни се пружи шанса и за добивање повеќе пари од ЕУ доколку спроведеме повеќе реформи. (27 октомври)

Северна Македонија се приклучи кон Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани

Скопје – Министерот за надворешни работи Бујар Османи, во рамки на официјалната посета на Финска, заедно со директорката на Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани во Хелсинки, Теја Тииликаинен, го потпишаа Меморандумот за пристапување на Северна Македонија во овој центар, со што земјава стана 35-та земја членка.

Потпишување на Меморандумот за пристапување на Северна Македонија кон Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани во Хелсинки. Фото: МИА

Во своето обраќање, Османи истакна дека нашето приклучување кон Центарот се случува во исклучително значаен момент кога целиот свет, вклучително и земјава се соочува со засилени хибридни напади.

– Приклучувањето на Северна Македонија кон Европскиот центар за извонредност за справување со хибридни закани ќе одигра исклучително важна улога во градењето и јакнењето на националните капацитети за справување со овој тип предизвици, истакна Османи. (27 октомври)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.