Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Безбедносната состојба во државата е стабилна и нема индиции кои укажуваат на можно нејзино загрозување, е заклучок од денешната 19. Седница на Советот за безбедност, на која се разговарало за безбедносната состојба во земјава и во евроатлантскиот регион.

Надлежните претставници на институциите, како што се наведува во соопштението на Кабинетот на претседателот, информирале за тековните безбедносни прашања поврзани со земјата и поширокиот регион, вклучувајќи ја руската агресија врз Украина, случувањата на Блискиот Исток и состојбата на северот во Република Косово.

– Како членка на НАТО, Република Северна Македонија е во редовна координација со Алијансата и сојузниците по однос на активности кои се преземаат за зајакнување на безбедноста во евроатлантскиот простор, се вели во соопштението. (1 ноември)

Османи: Северна Македонија е лакмус тестот за кредибилитетот на Европската Унија

Берлин – Северна Македонија е лакмус тестот за кредибилитетот на Европската Унија. Од ставовите на Јункер до оние на фон дер Лајен од пред неколку дена, можам емпириски да посведочам дека Европа денес е соочена со геополитичко будење, кое треба да обезбеди геостратешка инвестиција во безбедноста на ЕУ, истакна министерот за надворешни работи Бујар Османи на министерска конференција посветена на ЕУ проширувањето во Берлин.

Во своето обраќање, министерот се осврна на концептот „Повеќе интеграција пред членство во ЕУ”, како еден од модалитетите како ефективно да фатиме чекор со економиите на земјите членки на ЕУ и да го премостиме јазот што моментално се зголемува наместо да се стеснува.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи на министерска конференција посветена на проширувањето на ЕУ во Берлин. Фото: МИА.

Воедно, шефот на македонската дипломатија го поздрави уште еднаш Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, претставен од претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кој се дополнува со овој концепт. (2 ноември)

Бербок: ЕУ додека се подготвува за проширување треба и да почне со реформи

Берлин – Шефицата на германската дипломатија Аналена Бербок на денешната Конференцијата за проширување на ЕУ во Берлин го најави почетокот на процесот на зајакнување на внатрешните структури на ЕУ, како подготовка за процесот на проширување, а во исто време предложи постепена интеграција на земјите кандидатки.

– ЕУ треба да почне со храбри реформи додека се подготвува да се прошири, истакна Бербок.

Треба да донесеме храбри одлуки,

Аналена Бербок, германска министерка занадворешни работи

Таа предложи укинување на сегашниот систем според кој секоја од 27. земји-членки делегира по еден комесар. – Не може да им се дозволи на Европскиот парламент и на Европската комисија едноставно да растат и растат, да станат уште поголеми. Треба да донесеме храбри, храбри одлуки … на пример, ние сме подготвени да работиме без свој комесар на ограничен временски период, посочи Бербок. (2 ноември)

Општина Кочани влезе во европската мрежа Beyond the Urban за соработка

Кочани – Со проектот „Зад урбаното“ Општина Кочани влезе во европската мрежа за соработка Beyond the Urban која ја предводи шпанската агенција Creacció. Таа обединува 10 европски општини и региони кои ќе работат за подобрување на урбано-руралната мобилност.

Главната цел на мрежата, одобрена од Одборот за мониторинг на европската програма URBACT IV, е да развие акциски планови за мобилност помеѓу руралните области и урбаните центри на градовите и териториите учесници, во кои ќе бидат вклучени локални актери од администрацијата, бизнисот, универзитети и граѓаните.

Општина Кочани стана дел од европската мрежа за соработка Beyond the Urban. Фото: МИА

Соработката ќе се реалзира преку тестирање и имплементација на одржливи, достапни и интегрирани решенија за мобилност, со фокус на интермодалност, управување на повеќе нивоа, инклузија, родова еднаквост и дигитални алатки. Дополнително проектот ќе овозможи финансирање на мали пилот-акции за тестирање на конкретни и иновативни решенија. (1 ноември)

Борел го поздрави продолжувањето на мандатот на ЕУФОР-Алтеа во БиХ 

Брисел – Високиот претставник на ЕУ за надворешни работи и безбедност Жосеп Борел во објава на платформата Икс го поздрави продолжувањето на мандатот Воена мисија на Европската Унија во Босна и Херцеговина (ЕУФОР-Алтеа) од страна на Советот за безбедност на ОН. 

– Го поздравувам едногласно продолжување на мандатот на ЕУРОФОР-Алтеа од страна на Советот за безбедност на ОН, како признание за нејзиниот придонес за стабилноста и безбедноста на БиХ, наведе Борел во објавата. 

Според Борел, ЕУ останува недвосмислено посветена на европската перспектива на БиХ како единствена, обединета и суверена земја. (3 ноември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.