Скопје – Европската Унија го поздрави потпишувањето на Договорот за подготовка, изградба и оперативност на меѓуграничниот железнички тунел на Коридор 8 меѓу Македонија и Бугарија, што се случи вчера на Железничката станица Ѓуешево.
Од Министерството за транспорт соопштија дека на „Х” мрежата, претседателот на Европскиот Совет, Антонио Кошта напиша оти изградбата на железницата е поттик во регионалниот развој и зајакнување на регионалната безбедност.
– Го поздравувам потпишувањето на договорот за прекуграничниот тунел на Коридорот 8 меѓу Бугарија и Северна Македонија – голем чекор напред во соработката меѓу двете земји и промоција на добрососедските односи. Освен што развива билатерални врски, новата железница ќе го поттикне регионалниот просперитет и ќе ја зајакне нашата заедничка безбедност, стои во објавата на претседателот на Европскиот Совет.
Исто така и еврокомесарката Марта Кос го поздрави потпишувањето на Договорот.
– Бугарија и Северна Македонија се согласија да ја продолжат работата на Коридорот 8. Клучен проект што ги поврзува Јадранското Море со Црното Море преку пат и железница. Ова е важен чекор за градење доверба преку регионална поврзаност, заеднички просперитет и комуникацијата меѓу луѓето, напиша еврокомесарката Кос.
Договорот за изградба и оперативност на железничкиот тунел на Коридор 8, вчера во Ѓуешево го потпишаа македонскиот заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и заменик претседателот на Владата и министер за транспорт и врски на Република Бугарија, Гроздан Караџов. (7 ноември 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
