Брисел – Шефот на европската дипиломатија, Жозеп Борел вечерва во Брисел изјави дека ЕУ сака да го вклучи Западен Балкан во својот процес на одлучување, како за надворешната така и за безбедносната политика, пред влезот на регионот во Унијата.
За време на претседавањето со состанокот на министрите за надворешни или европски работи на членките на ЕУ и шесторката од регионот, Борел на Икс напиша и дека „местото на Западниот Балкан е во ЕУ“.
Местото на Западниот Балкан е во ЕУ,
Жосеп Борел, висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност
– Вечерва претседавам со министерскиот состанок ЕУ-Западен Балкан, со шест министри од тој регион. Сакаме да го интегрираме регионот во нашиот процес на донесување одлуки уште пред пристапувањето, вклучувајќи ги и одлуките за надворешната и безбедносната политика. Местото на Западниот Балкан е во ЕУ, нагласи Борел. (13 ноември)
Османи со поддршка на идејата на Борел за вклучување на Западниот Балкан во процесот на одлучување на ЕУ
Скопје – Министерот за надворешни работи Бујар Османи осврнувајќи се на изјавата на виокиот претставник за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел дека ЕУ сака да го вклучи Западниот Балкан во својот процес на одлучување, како за надворешната, така и за безбедносната политика, уште пред влезот на регионот во Унијата, рече дека Северна Македонија е сто отсто усогласена со надворешната и безбедносната политика на ЕУ, а при тоа тој како шеф на дипломатијата не е дел од Советот за надворешни работи на Унијата.
Треба да бидеме на секоја маса секаде каде што сме усогласени со реформите и со стандардите на ЕУ,
Бујар Османи, министер за надворешни работи
– Мене ми е жал што нашата иницијатива за повеќе интеграција пред членството некако не доби и во нашата јавност премногу гласност, бидејќи тоа беше наша автентична идеја која што ја промовираме во ЕУ. Не мора да имам право на глас додека се уште не сме членка, меѓутоа треба да бидам на масата. Треба да бидеме на секоја маса секаде каде што сме усогласени со реформите и со стандардите на ЕУ, да имаме пристап до заедничкиот пазар, да имаме пристап до парите, рече Османи. (14 ноември)
Заедничките безбедносни предизвици во фокусот на министерски состанок ЕУ-Западен Балкан
Брисел – Заедничките безбедносни предизвици наспроти позадината на постојаните глобални и регионални закани, беа во фокусот на вечерашната средба во Брисел на шефовите на дипломатиите на државите од Западниот Балкан и на членките на Унијата, што се одржа под претседателство на високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел.
Земјава на министерскиот состанок ја преставуваше заменик-министерката за надворешни работи Фатмире Исаки.
Борел на средбата ја истакна важноста на единството и силната соработка на ЕУ со партнерите од Западен Балкан за да се изгради отпорност и да се промовира мирот и стабилноста на континентот, додавајќи дека Унијата ги смета на земјите кандидати за членство за доверливи партнери во надворешната, безбедносната и одбранбената политика, вклучително и кога станува збор за усогласување со одлуките на блокот во овие сфери. (13 ноември)
Желјасков: Веруваме дека ќе ги донесете уставните измени и уште оваа година ќе се радуваме на почетокот на преговорите со ЕУ
Скопје – Бугарија е за прием на Северна Македонија во ЕУ без алтернатива. Државниците мислат за наредните генерации, а политичарите мислат за наредните избори. Веруваме дека разумот и политичката волја ќе надвладеат и уште оваа година ќе можеме да се радуваме на почеток на преговорите со ЕУ, изјави претседателот на бугарското Собрание, Росен Желјасков по средбата со спикерот на Парламентот Талат Џафери.
Тој им се заблагодари на македонските пратеници за „јасно изразената позиција поврзана со членството во ЕУ и консолидирањето на јасно мнозинство за уставните промени“.
– Јасно е дека има мнозинство, но тоа е недоволно во моментот… Лани бугарскиот Парламент усвои декларација со која го усвои Францускиот предлог, некои тоа го нарекоа историски компромис, но нашите две држави го направија неопходниот компромис во името на нашите народи, истакна Желјасков. (14 ноември)
Шолц: Не треба да постои билатерализација на процесот на интеграција во ЕУ
Атина – За односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и ЕУ перспективата на Западен Балкан, меѓу другото, разговараа грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис и германскиот канцелар Олаф Шолц на нивната денешна средба, истакнувајќи ја нивната поддршка за евроинтеграција на регионот, јави дописничката на МИА од Атина.
На новинарско прашање за можната блокада од Грција на патот на Албанија кон ЕУ, Шолц истакна дека треба да се направи следниот чекор и да се следи интеграцијата на земјите од Западен Балкан во Унијата.
– Во изминатите години ги поддржав овие држави и мислам дека не треба да постои билатерализација на процесот што би ја спречила нивната интеграција и мислам дека можеме на европско ниво да најдеме решенија. Разговаравме за односите меѓу Северна Македонија и Бугарија, се надеваме дека овде може да постои успех, рече Шолц. (14 ноември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.