Скопје – Местото на Западен Балкан е во Европската Унија. Ова значи дека проширувањето на Унијата треба да се забрза и вистинските преговори со Северна Македонија да започнат веднаш, порача шефот на унгарската дипломатија Петер Сијарто во Скопје.
Тој на прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека ЕУ се соочува со сериозни предизвици, имајќи ги во предвид конфликтите на евроазискиот континент.
Унијата има потреба од Западниот Балкан,
Петер Сијарто, министер за надворешни работи и трговија на Унгарија
– ЕУ е сериозно ослабната. Прашањето е како да го сопреме ослабнувањето. Сметам дека првиот чекор е да признаеме дека Унијата има потреба од Западниот Балкан. Треба да се признае дека на ЕУ и е потребна свежа енергија која доаѓа од Западниот Балкан, а проширувањето да се забрза веднаш со Северна Македонија. Вистинските преговори треба да почнат веднаш и да се одржуваат до крај, за што е можно побрзо Северна Македонија да стане членка на ЕУ, рече Сијарто. (16 ноември)
Маричиќ: Европската интеграција е единствено решение за Северна Македонија
Скопје – Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ денеска остварил средба со новоименуваниот специјален претставник на Франција за Западен Балкан, Рене Троказ.
Вицепремиерот го запознал специјалниот претставник Рене Троказ на неговата прва официјална посета на Северна Македонија, со тековните состојби, скрининг процесот, реформите, со цел приближувањето на државата до полноправно членство со ЕУ.
Соговорниците се согласиле дека европската интеграција е единственото и оптимално решение за нашата држава. – Со цел да се оствари нашата заедничка стратешка цел, полноправно членство во унијата, присуството на Франција и гласот на Париз се исклучително важни за Северна Македонија, поттикнувајќи забрзување на динамиката на преговарачкиот процес на државата, оценето е на средбата. (16 ноември)
Вицепремиерот Битиќи се сретна со специјалниот претставник на Франција за Западен Балкан, Рене Троказ
Скопје – Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи денеска се сретна со Рене Троказ, специјален претставник на Франција за Западен Балкан, кој беше придружуван од францускиот амбасадор, Сирил Бомгартнер.
Битиќи изрази благодарност за поддршката што Франција и ја дава на Северна Македонија во напорите за полноправно членство во ЕУ и истакна дека за земјата не постои друга перспектива за севкупен просперитет и напредок.
На состанокот стана збор и за најновиот План за раст на Западен Балкан, кој заеднички беше позитивно оценет затоа што ќе создаде реални можности за дополнителен раст на економиите на земјите од регионот, со што ќе се создадат компетитивни капацитети за вклучување во европскиот пазар уште пред полноправното членство во ЕУ. (16 ноември)
Дебата за Извештајот на ЕК за земјава пред Националниот совет за евроинтеграции
Скопје – Парламентарното мнозинство и опозицијата со различна диоптрија го гледаат Извештајот на Еврокомисијата за напредокот на земјава за 2023 година.
На денешната седница на собраниската Комисија за европски прашања и на Националниот совет за евроинтеграции, евроамбасадорот Дејвид Гир посочи дека Извештајот е многу искрен, но правичен и ги нотира области каде не е постигнат напредок особено за оние области кои ЕК ги смета за толку важни и ги опишува како дел од основите во пристапните преговори.
– Процесот за пристапување кон ЕУ бара консензус меѓу политичките партии токму за клучните реформи. Извештајот забележува прекумерна и некогаш несоодветна употреба на забрзаните процедури. Повикуваме на тоа дека ЕУ знаменцето треба да се користи кога е директно поврзано со усвојување на закони чија главна цел е да се усогласт со ЕУ нормите, а не да се скрати дебатата за важни прашања. рече Гир. (17 ноември)
Панел: Постои придвижување на Западен Балкан кон ЕУ, но остануваат многу предизвици
Вашингтон – Регинот на Западен Балкан се соочува со обновени закани по стабилноста иако постои забележително придвижување за членство во ЕУ, заклучи панел што синоќа се одржа во Атлантскиот совет во Вашингтон.
Соговорниците се осврнаа на регионалните предизвици и можности за Западен Балкан во време на руската инвазија врз Украина.
Експертите од групата за советување за политиките на Балканот во Европа (БиЕПАГ) ги коментираа регионалните предизвици и можности во Западен Балкан, со фокус на политичките случувања во Босна и Херцеговина, дијалогот меѓу Белград и Приштина и можностите кои постојат за да се промовира стабилноста и безбедноста во регионот, но и одржување на Западен Балкан по европскиот пат. (17 ноември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.