Брисел – Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска во Брисел ќе присуствува на неформална вечера што за шефовите на дипломатиите на шесте земји кандидати и потенцијални кандидати за членство во Унијата од Западниот Балкан ја организира високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас.
На вечерата е предвидено да се разговара за унапредување на соработката меѓу Европската Унија и регионот, со акцент на безбедноста, одбраната, справувањето со хибридните закани и зајакнувањето на демократската отпорност.
Вечерата се одржува по вчерашниот „Форумот за проширувањето на ЕУ 2025: Заокружување на Унијата, обезбедување на нашата иднина“, на која беше реафирмирана силната поддршка на блокот на пристапниот процес базиран на заслуги, и во пресрет на утрешниот Совет за надворешни работи на ЕУ, на кој, според најавите од Атина, ќе биде презентирана грчка иницијатива за европската перспектива на земјите од Западен Балкан.
Целта на оваа иницијатива е реафирмација на грчката позиција за поддршка на европската перспектива на земјите од регионот и за „забрзување на патот на Западниот Балкан кон европското семејство“.
Инаку, во рамки на посетата на Брисел, Муцунски ќе има и одвоени средби со европската комесарка за проширување Марта Кос и со еврокомесарот за меѓугенерациска правичност, млади, култура и спорт, Глен Микалиф. (19 ноември 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
