Скопје – Актуелни теми од суштинско значење за европерспективите на земјава и нејзината улога за стабилноста на Западниот Балкан, беа во фокусот на разговорите на премиерот Димитар Ковачевски со специјалниот претставници на Германија и Словенија за регионот, Мануел Сарацин и Анжеј Франгеш.
На состанокот е изразено очекување дека во претстојниот период, ќе преовладаат зрелоста и одговорноста кон државата и граѓаните, наспроти партиските интереси и дека политичките претставници ибрани од граѓаните ќе ја реализираат мнозинската волја на народот за членство во ЕУ.
Сарацин и Франгеш ја реафирмираа поддршка од Германија и од Словенија на македонските евроинтеграции и повикаа започнатиот европски пат забрзано да продолжи без застој. (23 ноември)
Бесими во Брисел на состаноци за Планот за раст на Западниот Балкан
Скопје – Во Брисел денеска продолжува дијалогот на земјите од Западниот Балкан со Европската унија, за Планот за раст на регионот.
Македонската делегација на билатералните состаноци во Брисел ја предводи министерот за финансии Фатмир Бесими.
Состанокот е дел од утврдените активности за имплементација на предложениот План за раст и се случува само една недела по одржување на иницијалниот состанок во Скопје на кој беше презентиран Планот, откако беше усвоен во Брисел. Фокусот на состанокот во Брисел ќе биде на приоритетните области кои ќе бидат опфатени со реформската агенда која земјата треба да ја подготви во рамки на овој процес и инвестициите што треба да ја поддржат таа реформа. Интересот и на ЕУ и земјите од Западниот Балкан е овој процес да има брза динамика и бенефитите од него за земјите, граѓаните и бизнис заедницата побрзо да се почувствуваат. (23 ноември)
Наместо тензии потребен мир и дијалог – порачаа од Скопје лидерите на членките на НАТО од регионот
Скопје – Не постои директна воена закана кон некоја од земјите во регионот, но постојат причини за загриженост за состојбите. Западниот Балкан е стратешки важен за НАТО, а Северна Македонија е ценет партнер и фактор на стабилност во регионот. Нашата задача е да продолжиме да работиме посветено до целосно интегрирање во ЕУ, како што тоа го направивме со интегрирањето во НАТО.
Ова беа главните пораки од неформалниот состанок на лидерите на НАТО од регионот, што се одржа во Скопје, чии домаќини беа премиерот Димитар Ковачевски и генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, а на него учествуваа и претседател на Хрватска, Зоран Миловановиќ и премиерите на Албанија и Црна Гора, Еди Рама и Милојко Спајиќ.
Еден од предлозите беше и да се создаде формат на НАТО – Западен Балкан на кој ќе учествуваат не само членки на Алијансата од регионот, туку и Белград, Приштина и Сараево. (22 ноември)
Столтенберг за МИА: Корупцијата е крајно опасна, исклучително важна е борбата против неа на сите нивоа
Скопје – Корупцијата е крајно опасна, ги поткопува демократските институции, ја подрива довербата во државата, а го отежнува и водењето бизнис. Затоа е исклучително важно да се бориме против корупцијата на сите нивоа, во секое време, вели генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенбер во интервју за МИА.
За тоа дали неговото обраќање во Собранието беше обид и да ги поттикне пратениците да ги усвојат уставните амандмани како услов за продолжување на патот на земјата кон ЕУ, Столтенберг порачува дека би било добро целиот регион и Северна Македонија да напредуваат на патот кон членство во ЕУ.
– Не е мое да навлегувам во тие конкретни прашања, бидејќи тие се поврзани и со вашиот процес кон членство во ЕУ, но мојата порака е дека членството во НАТО многу често го отвора патот за членство во ЕУ и тоа би било добро за целиот регион и за Северна Македонија да напредува на патот кон членство во ЕУ, посочува Столтенберг. (22 ноември)
Денков: Бугарија нема други барања кон Северна Македонија освен договореното во „францускиот предлог“
Брисел – Сакам јасно да кажам дека во моментов Бугарија нема никакви други барања кон Северна Македонија, освен оние наведени во одлуката на ЕУ од минатата година врз основа на договорено со т.н. „француски предлог“, изјави бугарскиот премиер Николај Денков во обраќањето пред Европарламентот во Стразбур.
– Низ годините нашите односи се влошија и не мислам дека за тоа е виновна Бугарија. Условите мора да се исполнат од страна на Северна Македонија за да се отвори преговарачкиот процес и од тој аспект, не прифаќам никаква критика за нашата земја, рече Денков, додавајќи дека тука не станува збор за односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, туку меѓу Северна Македонија и ЕУ.
Ваквиот став на Денков претставуваше одговор на прашањето на германскиот европратеник Рајнхард Бутикофер што ќе стори Бугарија за да ја отвори вратата за влез на Северна Македонија во ЕУ.(22 ноември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.