ЕНР
Новиот европски комесар за климатска акција, Вопке Хукстра, се подготвува за тежок климатски самит на крајот на овој месец во Дубаи. Договор меѓу земјите учеснички не е ниту на повидок, а згора на тоа Хукстра знае дека светот “гори”. Европската новинска редакција (ЕНР) разговараше со него во пресрет на Конференцијата за климатски промени КОП28.
Времето истекува во однос на можностите да се ограничи прагот на глобалното затоплување на максимум два или по можност 1,5 степени Целзиусови, како што се договорија светските лидери во Париз пред осум години. КОП28 се одвива во геополитички чувствително време, бидејќи руската инвазија врз Украина сè уште е во тек, а Израел е во војна со Хамас, меѓу другите тензии.
Новиот еврокомесар за климатска акција, Вопке Хукстра, се надева дека климатскиот самит на Обединетите нации КОП28 во Дубаи ќе даде глобален поттик во борбата против глобалното затоплување. „Научниците ни кажуваат дека е потребна многу, многу поголема амбиција и дека прозорецот на можности всушност се затвора“, нагласи тој во интервју за Европската новинска агенција.
Во Дубаи, ЕУ сака да ги убеди главните емитери на јаглерод диоксид, како што е Кина, да направат повеќе за борбата против климатските промени. За возврат, ЕУ е подготвена да помогне да се надоместат климатските штети во посиромашните делови на светот, на пример.
За да се постигне компромисен финален договор на климатската конференција КОП28 која започнува во Дубаи следната недела, „имаме тежок предизвик со кој се соочуваме, бидејќи амбициите едноставно се многу високи“, рече Хукстра.
Тој додаде и дека неодамнешните патувања во Кина, Блискиот Исток, Латинска Америка и Африка му ги покажале тешкотиите што треба да се надминат. Тој ги слушнал формалните и неформалните ставови на различните земји и посебно ги разгледал за да бара можна заедничка „зона за слетување“.
„Во секој од овие домени – обновливи извори, енергетска ефикасност, метан, пазари на јаглерод, постепено укинување на фосилните горива – знаете, јас секогаш барам сигнали, поднесувам предлози, слушам мислења, се обидувам да преформулирам одредени позиции“ со цел да се намалат разликите, рече тој.
Фонд за загуби и штети од климатските промени: „Економската моќ доаѓа со одговорност“
Комесарот за клима на ЕУ јасно стави до знаење дека верува оти Кина, која сега е втората по големина економија во светот, треба да биде придонесувач, а не корисник на фондот за санирање на загубите и штетите од климатските промени. „Кина постигна огромен напредок. Таа е втора економија во светот. Има приближно ист број електрични возила како и Европската Унија. (…) Со сето тоа богатство и со сета таа економска моќ доаѓа и одговорност“, рече тој.
Тој додаде дека ова „е случај со Кина. Но важи и за другите. Кој може да плаќа, треба да плаќа“. „[Фондот] за загуби и штети навистина треба да постои за оние на кои им е најпотребен“, заклучи Хукстра.
Комесарот рече дека фондот треба да се користи за финансирање „само на ограничен број земји, наместо на сите кои доживуваат климатски катастрофи“. На пример, корист од фондот
треба да имаат малите острови и африканските држави кои не се одговорни „за кој било дел од климатските промени“ и кои „се најизложени на суши, поплави и обилни дождови“. Тој истакна дека фондот како таков „не е за да надоместува (за) загуби и штети“ само за да се осигура дека земјата што е погодена од климатска катастрофа „може да продолжи“ да функционира.
Поради тоа некои земји кои учествуваат на КОП28 се дури и „малку скептични за тоа дали треба да се нарече „загуби и штети“, иако тој го нарече ваквото двоумење споредно. „Важно е само да објасниме кои критериуми треба да се исполнат и за што (…) е наменет фондот“, рече тој.
Фондот за загуби и штети, договорен на КОП27, треба да испорачува 100 милијарди долари помош секоја година за ранливите земји. Земјите во развој очекуваат особено богатите индустриски земји да даваат пари. Некои се надеваат и на годишни суми од стотици милијарди.
Иако се работи за значителна сума, ветените пари се само дел од оние 2 трилиони долари за кои ОН проценуваат дека ќе бидат потребни годишно до 2030 година за да се финансираат напорите за прилагодување на климатските промени и за помошта за земјите во развој.
Борбата против климатските промени „може да успее само со широк консензус“
ЕУ е одговорна само за седум проценти од глобалните емисии, а борбата против климатските промени „може да успее само со широк консензус“ со земјите, со големите корпорации и со граѓаните, рече Хукстра.
Поранешниот холандски министер за надворешни работи за месец и половина, освен во Белгија, отпатувал и во 13 земји, меѓу кои и Бразил, Чиле, Шпанија и Саудиска Арабија, а одржал и 55 средби со министри, специјални претставници, преговарачи и лидери на меѓународни организации.
„Треба да направиме многу повеќе и во претстојната деценија за да се осигураме дека ќе изградиме мостови до остатокот од светот“, рече Хукстра. Холанѓанецот има преговарачки мандат потврден од сите 27 земји членки на ЕУ, кој вклучува повици за тројно зголемување на инсталираниот капацитет за обновлива енергија до 2030 година, двојно зголемување на стапката на енергетска ефикасност и ограничување на субвенциите за јаглеводороди.
Исто така, има за цел да го убеди остатокот од светот, вклучително и земјите кои произведуваат нафта, дека е неопходно оддалечување од фосилните горива воопшто и „јагленот особено“, рече тој. „Јагленот, меѓу фосилните горива, е тој што предизвикува најголема штета“.
Гледајќи ги „различните позиции и различните интереси што ги имаат земјите“, веќе е комплицирано „и тоа во понормални околности“. Гледајќи ги изминатите години во кои „работите станаа бескрајно потешки поради (…) геополитиката“, ќе биде тешко да се постигне целта. Во исто време, нема друг избор освен да се постигне договор, вели Хукстра. Самата планета повлекува „црвени линии“, тврди тој. Науката ги диктира високите амбиции, нагласува Хукстра. „А ние, за жал, сè уште не сме ни приближно таму“.
Овој напис се објавува еднаш неделно. Содржината се заснова на вести од страна на агенции-учеснички во енр.