Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Стразбур – Иницијативата Европскиот штит на демократијата ја одразува посветеноста на заштитата и зајакнувањето на демократијата низ целата Европска Унија, но и во земјите кандидати и потенцијални кандидати за членство, истакна еврокомесарот за демократија, правда и владеење на правото Мајкл Мекграт во дебатата во Европскиот парламент по Извештајот за Штитот на демократијата.

– Основите на демократијата се потпираат на слободните луѓе, слободни и фер избори, слободни медиуми и силни демократски институции и процеси. Бидејќи демократијата е нашиот начин на живот, ние носиме колективна одговорност не само да ја зачуваме, туку и да обезбедиме нашите демократски вредности да се шират во корист на сите граѓани во Европа, истакна Мекграт.

Тој нагласи дека Штитот на демократијата опфаќа пристап кон целото општество, почнувајќи од Европскиот парламент, па се до најмалата локална заедница и во неговата срж е зајакнување на граѓаните и нивните слободи.

– Демократијата не е имуна на предизвиците. Авторитарните режими применуваат сè поагресивни тактики за поткопување на демократските институции и вештачки манипулираат со јавното мислење. Координираните дезинформативни кампањи на Русија, како дел од поширокиот контекст на хибридни напади, се јасен потсетник дека заканите со кои се соочуваме се навистина реални и ескалираат, додаде Мекграт.

Според еврокомесарот, сето ова се случува во услови обележани со сложеноста што ја носат дигитализацијата, зголеменото влијание на онлајн платформите, вештачка интелигенција и промените во медиумскиот пејзаж, на што е потребен обмислен и робустен одговор.

– Штитот на демократија е тој европски одговор. Тој обезбедува стратешка рамка дизајнирана за заштита, зајакнување и промоција на демократијата низ целата Унија. Базирајќи се врз солидното ниво на регулаторната рамка и на политичките алатки и структури за соработка што ги развивме, тој претставува сеопфатен сет на мерки, рече Мекграт.

Тој нагласи дека Штитот има за цел зајакнување на свеста за состојбите и поддршка на капацитетите за заштита на интегритетот на информацискиот простор, зајакнување на демократските институции и процеси и зголемување ма општествената отпорност и ангажманот на граѓаните. (25 ноември 2025)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.