Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје Во регионот на Западен Балкан сведочиме на засилени активности на злонамерни актери кои настојуваат да ги нарушат демократските процеси преку економски притисоци, политички влијанија и дезинформациски кампањи. Антизападните наративи кои се јавуваат во делови од регионот имаат за цел да ја ослабнат довербата во институциите и да го доведат во прашање европскиот и евроатлантскиот курс. Овие трендови бараат интензивна, долгорочна и координирана реакција и од НАТО и од Европската Унија. Нашето барање е обезбедување на долгорочна стратегија од НАТО и ЕУ за регионот, која ќе резултира со целосна интеграција на земјите од Западен Балкан во структурите на НАТО и ЕУ.

Ова го порача министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на отворањето на регионалната конференција „Стратегиските приоритети на НАТО, ЕУ и Југоисточна Европа во мултиполарниот меѓународен поредок”, организирана од Фондацијата Конрад Аденауер во соработка МНРиТ, и поддршка на Центарот за Европски студии Вилфрид Мартенс од Брисел. 

– Денес живееме во геополитичка средина во која заканите се динамични, меѓусебно поврзани и најчесто непредвидливи. Рускиот агресивен милитаризам, засилен со хибридни и кинетички закани насочени кон сојузниците, продолжената закана од тероризмот, системскиот предизвик од подемот на Кина, како и хибридните операции и кибер-нападите, ја редефинираат стратешката рамка врз која НАТО ги темели своите политики и одговори. Овие фактори не се само безбедносни предизвици, туку суштински дипломатски предизвик за зачувување на меѓународниот поредок заснован на правила, изјави Муцунски.

Војната во Украина, нагласи Муцунски, е најсериозниот предизвик за европската и евроатлантската безбедност по Студената војна. 

– Ревизионистичките цели на Москва, поддржани од нејзините овозможувачи бараат јасен, координиран и принципиелен одговор, заснован на единство и долгорочна стратешка усогласеност, изјави Муцунски.

Сепак, како што посочи Муцунски, четири години по почетокот на инвазијата, последиците врз европската стабилност се значајни и во такви околности, обврска и висок приоритет е на сите демократски држави да демонстрираат единство и решителност. 

– Во време на глобални превирања, стратешкото единство не е политички избор, туку безбедносна неопходност, нашата заедничка сила произлегува од солидарноста, предвидливоста и доследноста на нашите политики. Убеден сум дека токму сега е моментот да демонстрираме стратешка визија, интегриран пристап и политичка одлучност, што ќе обезбеди стабилна и просперитетна иднина за целата европска заедница, заклучи Муцунски. (26 ноември 2025)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.