Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Брисел – Ние гледаме напред кон позитивниот моментум на нашиот евроинтегративен пат, започнувајќи од усвојувањето на Преговарачката рамка минатата година, па се до крајот на скрининг состаноците, порача денеска вицепремиерот задолжен за европски прашања и главен преговарач на земјава со ЕУ, Бојан Маричиќ во воведното обраќање на билатералниот состанок за „Поглавјето 31 – Заедничката надворешна и безбедносна политика“ од Кластерот 6, со чие затворање официјално завршi скрининг процесот на Северна Македонија. 

Маричиќ ја нагалси важноста на успешното завршување на сеопфатниот циклус на скрининг процесот инициран со новата методологија за пристапување, нагласувајќи ја колективната решителност за унапредување на интеграцијата на земјава во Европската Унија. 

Тој воедно ја потенцираше посветеноста на државата за усогласување на нејзините политики со оние на Европската Унија, преку постојан ангажман во политичките дијалози. (7 декември)

Ковачевски: ЕК констатира солидна усогласеност на нашето законодавство со европското 

Брисел – Од првата Меѓувладина конференција на 19 јули 2022 кога официјално ги започнавме преговорите за членство со ЕУ, се одржуваа објаснувачки и билатерални состаноци за сите 33 поглавја поделени во шест кластери во рамки на скрининг процесот, кој завршува утре успешно и според утврдената динамика, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски од Брисел, каде претпладнево го отвори билатерален скрининг за „Поглавјето 30 – Надворешните односи“ од Кластерот 6. 

Изјава на премиерот Димитар Ковачевски во Брисел. Фото: МИА

– Навистина сум задоволен што вицепремиерот Маричиќ и неговиот тим во СЕП успешно и во рок го поминаа целиот процес, а задоволството го дели и Европската Комисија и тоа го потврдија во нивниот извештај. Констатацијата на ЕК е дека имаме солидно ниво на усогласеност. Понатаму следат патоказите, кои се наша обврска која произлегува од Преговарачката рамка, кои пак се услов за отворање на првиот кластер, додаде Ковачевски. (6 декември)

Маричиќ: Се наоѓаме на клучна точка од нашата историја, мораме да ја искористиме оваа шанса

Брисел – Имајќи ја предвид нашата посветеност и напорите да станеме полноправна членка на ЕУ, очекувам на Европскиот совет идната недела да добиеме препорака да продолжиме со втората Меѓувладина конференција, порача денеска вицепремиерот за европски прашање Бојан Маричиќ пред почетокот на билатералниот состанок со ЕК по „Поглавјето 31 – Заедничка надворешна и безбедносна политика“ од Кластерот 6.   

Секој следен чекор во процесот на пристапување кон ЕУ зависи само од нас, од донесување на уставните измени,

Бојан Маричиќ, вицепремиерот за европски прашање

– Со ова, секој следен чекор во процесот на пристапување на нашата земја во ЕУ, како и динамиката на преговори, ќе зависи само од нас, од донесување на уставните измени. Се наоѓаме на клучна точка во својата историја која ќе го трансформира македонското општество. Ова е еден историски момент за Северна Македонија. Оваа шанса мораме да ја искористиме без дилема, без грижи и без страв, туку со уверување дека и тоа како ќе придонесе за просперитет на државата и граѓаните, порача Маричиќ. (7 декември)

Османи: Ако Западниот Балкан остане рана на телото на Европа или ќе крвари или ќе привлекува малигни влијанија 

Брисел – Процесот на проширување на ЕУ е некаде меѓу заснован на заслуги и геополитички пристап, што значи дека железната врата на Унијата се отвора накусо во одреден политички моментум и влегуваат оние кои во тој момент се до некаде поподготвени за прием од останатите, истакна денеска во Брисел министерот за надворешни работи Бујар Османи во обраќањето на настанот „Самит ЕУ-Западен Балкан“ во организација на бриселската тинк-тенк организација „Пријатели на Европа“. 

Тој потсети дека ваквиот пристап пренесен на Западниот Балкан резултираше со него предолго време оставање на страна, но руската агресија врз Украина ги расчисти настанатите геополитчки и стратешки облаци. 

Обраќање на министерот за надворешни работи Бујар Османи на „Самитот ЕУ-Западен Балкан“ во организација на тонк-тенкот „Пријатели на Европа“ во Брисел. Фото: МИА

– Кога се расчистија тие облаци, она што го видовме беше парадоксална ситуација. Видовме сина мапа на ЕУ со мал сив остров од шесте земји од Западниот Балкан. Тој наликува како рана на телото, изјави Османи, додавајќи дека ако регионот биде оставен да чека уште многу години како рана, може да стане точка на крварење или место за влез на малигни влијанија. (7 декември)

Бомгартнер: Патот по кој треба да се чекори е оној кон ЕУ

Скопје – Францускиот амбасадор Сирил Бомгартнер вечерва на одбележувањето на 30 години од дипломатските односи меѓу Франција и Северна Македонија порача дека патот по кој треба да се чекори е оној кон Европската Унија. 

– Патот по кој треба да се чекори е тој кон оваа Унија, каде што Ве чекаме, каде што се надеваме на Вас, каде што Ве посакуваме, рече Бомгартнер на македонски јазик. 

Францускиот предлог ги отвора европските перспективи на земјата,

Сирил Бомгартнер, амбасадор на Франција во Северна Македонија

Францускиот предлог, како што рече, не е совршен, но е најдобриот можен. – Како и секој компромис и како и самиот живот, овој предлог не е совршен. Но, тој е најдобриот можен. Оној кој е на маса и кој почитувајќи го македонскиот идентитет, повторно ги отвора европските перспективи на земјата, додаде Бомгартнер. (6 декември)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.