Брисел – Премиерот Димитар Ковачевски денеска во Брисел ќе учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан, на кој главни теми ќе бидат зајакнување на политичкиот ангажман на Унијата со земјите од регионот, нивно доближување до ЕУ со постепена интеграција и поставувањето основи за економски раст, ублажување на последиците од руската агресија врз Украина и зацврстување на безбедноста и отпорноста.
Како што јави дописникот на МИА од Брисел, Самитот се оценува како можност за потврда на перспективата за членство на државите од регионот во Унијата, како и за афирмација на потребата од спроведување на одржливи реформи согласно вредностите и принципите на ЕУ.
Во најавата за Самитот се посочува дека ЕУ има за цел да ги приближи кон себе земјите од регионот, подготвувајќи терен за нивно полноправно членство и овозможувајќи конкретни придобивки за нивните граѓани уште во текот на процесот на пристапните преговори. (13 декември)
ГАК препорача продолжување на европскиот пат на земјава по усвојување на уставните измени
Брисел – Северна Македонија ќе го продолжи преговарачкиот процес со Унијата откако ќе бидат усвоени уставните амандмани, што е предвидено со Преговарачката рамка и со заклучоците на Советот на ЕУ од јули 2022 година, се наведува во заклучоцоте усвоени на денешното заседание на Советот за општи работи.
Како што изјави еврокомесарот за проширување и соседска политика Оливер Вархеји по заседанието на ГАК, усвоените заклучоци се фундаментални за напредокот на политиката за проширување и со нив се потврдува напредокот на 10-те кандидати за членство и се испраќа јасна порака за посветеност на проширувањето.
– Ова е година на моментум на политика на проширување на ЕУ и драго ми е што не само што успеавме да дадеме предлози до Советот, туку донесoвме и одлуки, рече Вархеји, додавајќи дека сепак конечната одлука околу процесот на проширување ќе ја донесат лидерите на Унијата на Самитот. (12 декември)
Маричиќ очекува од ЕУ пофалба за скринингот
Скопје – Би очекувал и би биле среќни, по најавите дека ќе има јасен политички повик до сите политички партии во Собранието да дадат поддршка на уставните измени и да не ја блокираат сопствената држава. Ние скринингот го завршивме и навистина се надеваме и работиме на тоа да се дојде до 80 пратеници, меѓутоа нема да правиме притисок врз пратениците, ние објаснуваме и ќе продолжиме тоа да го правиме бидејќи обврската останува и за овој парламентарен состав и за наредниот, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ по објавувањето на заклучоците усвоени од ГАК.
– Нашата стуација очекувам да биде формулирана на начин што ќе се пофали скринингот, ќе се укаже и ќе се направи генеза како сме ги почнале преговорите минатата година и во која фаза сме сега дојдени и ќе се изрази повторната подготвеност, како што е запишано во заклучоците од минатата година и преговарачката рамка дека во моментот кога ќе бидат извршени уставните измени веднаш без нова политичка одлука и без дополнителни одлагања ќе се свика втората меѓувладината конференција за да се отвори првиот кластер, рече Маричиќ. (12 декември)
Гарсија за МИА: Планот за раст за Западен Балкан ќе биде едно од главните прашања на самитот ЕУ-Западен Балкан
Скопје – Планот за раст за Западен Балкан ќе биде едно од главните прашања за кое ќе стане збор на самитот ЕУ-Западен Балкан, како и на Самитот на ЕУ. Ова дополнително финансирање е важно за натамошен напредок со постепената евроинтеграција на регионот и за него се поставени услови, а тоа е напредок во реформите. Во ЕУ „нема бесплатни пари“, вели во интервју за МИА шпанскиот амбасадор во Скопје, Хозе Луис Лозано Гарсија.
– Планот за раст претставува одговор на барањето за распределба на товарот од надминување на разликите во економските системи. Ова дополнително финансирање е важно за натамошен напредок со постепената евроинтеграција. И за ова дополнително финансирање поставени се услови, а тоа е напредок во реформите. Тоа е секогаш случај, тоа е дел од „играта“ во ЕУ и тоа не само за кандидатите за членство, туку и за земјите членки, вели
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.