Брисел – Северна Македонија одамна има и заслужено да ги почне преговорите за членство во ЕУ, па затоа Унијата треба да изврши притисок врз оние што го блокираат процесот на проширување, со цел тој да продолжи, изјави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во интервју за МИА во Брисел, каде учествуваше на „Самитот ЕУ-Западен Балкан“ во организација на тинк тенкот Пријатели на Европа.
Николоски нагласи дека на Самитот одредени европски челници и дипломати „доста храбро“ признаа дека процесот на проширување е пред сè политички, а дури после тоа доаѓа исполнувањето на реформите, критериумите или заслугите.
– И ако веќе знаеме дека процесот е политички, тогаш се потребни политички одлуки, и тогаш е потребно најголемите земји членки од ЕУ да постават јасна визија за регионот, јасна визија и за Македонија, рече Николоски.
Во однос на уставните измени Николоски вели дека клучно прашање е дали нивното усвојување е последниот услов или пак за неколку години повторно ќе ни стави вето.
– Мора да има извесност во процесот и мора да знаеме кога ќе почнеме да преговараме и кога ќе ги завршиме преговорите, нормално доколку ги реализираме реформите коишто ги бара ЕУ, истакна Николоски.
Вицепремиерот во интервјуто најавува дека изградбата на брзата пруга кон Грција ќе започне следното лето, а од 2031 година очекува да профункционира и железничката врска со Бугарија. Според него, околу Нова година ќе биде пуштена во употреба и нова делница од автопатот Охрид-Кичево, а за многу скоро време ќе имаме и целосно автопатско решение до Прилеп и до Битола.
Во интервјуто Николоски најавува и воспоставување нови авиолинии од Охрид и Скопје, како и воведување на систем за електронски пополнување на сите документи за прекуграничен камионски транспорт. (5 декември 2025)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.
