Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – За жал, во овој момент не постои висок степен на желба за дијалог од страна на соседна Бугарија, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски. 

Како што рече, искрено се надева дека тоа ќе се промени затоа што штета од закочениот процес немаме само ние, туку „исто така штетата ја трпи и Бугарија којашто губи време да има сосед којшто е поскоро земја членка на ЕУ“.

– Тоа е во нивни и економски, и политички, и национален интерес, и верувам дека ќе постои рацио и рационалност кај нашите соседи … Има желба кај Европската Унија и кај одредени земји членки да се помогне во развивање дијалог насочен кон решение. Но, ги уверувам нашите граѓани дека не треба да имаат никаква грижа по однос на позициите на Владата – тие се сосема јасни и нема да прифатиме никакви отстапки што се поврзани со нашите основни идентитетски обележја – нашиот јазик и нашата историја, изјави Муцунски во интервју за ТВ Сител.

На прашање дали ќе има предвремени парламентарни избори, министерот и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ одговори дека целта на нивната партија е да завршат целосен парламентарен мандат.

-Тоа значи следните парламентарни избори да бидат во 2028 година. Но, секако, не може да се исклучи да настанат некои промени бидејќи политиката е жива материја и има процеси коишто не секогаш единствено зависат и од нас. Во овој момент, мислам дека сме поблиску до тоа да имаме редовни парламентарни избори, но ќе ги следиме процесите и ќе видиме во која насока тие ќе се движат во следниот период, рече Муцунски. (6 декември 2025) 

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.