Скопје – Националниот совет за евроинтеграции и собраниската Комисија за европски прашања одржаа заедничка седница на која беа разгледани Нацрт патоказите за владеење на правото и за реформа на јавната администрација.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ истакна дека двата документа произлегуваат непосредно од скринингот и заедно со Акцискиот план за заштита на припадниците на немнозинските заедници, се услови за отварање на првиот кластер.
Претседателот на Националниот совет за евроинтеграции Александар Николоски меѓу другото посочи, државата не може да се пофали со реформи во областа на владеење на правото, а основна причина зошто не почнавме преговори за членство со ЕУ е високото ниво на криминал и корупција. Според претседателот на Комисијата за европски прашања Арбер Адеми јасно е наведено во заклучоците од Европскиот совет дека устваните реформи се единствениот услов за земјата да ги отвори преговорите по кластери. (19 декември)
Писонеро за МИА: Проширувањето останува процес заснован на заслуги, Северна Македонија да ги забрза уставните измени
Брисел – Сакаме да бидеме јасни дека проширувањето останува процес заснован на заслуги, кој бара вложувања и посветеност за спроведување на суштински реформи, вклучително и за владеењето на правото, изјави за МИА портпаролката на ЕК за соседска политика и проширување Ана Писонеро.
Според неа, во услови кога постои моментум за проширување на ЕУ, ЕК ги охрабрува сите страни во Северна Македонија да работат заедно за да ја придвижат земјата на нејзиниот пат за пристапување во Унијата.
– Заклучоците на Европскиот совет се јасни: ЕУ е подготвена да ја заврши фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија веднаш штом земјата ќе ја спроведе својата заложба за завршување на уставните измени, како што е наведено во заклучоците на Советот од 18 јули 2022 година, во согласност со нејзините внатрешни процедури. Европскиот совет ја повикува Северна Македонија да го забрза нивното спроведување, изјави Писонеро. (21 декември)
САД ја охрабруваат Северна Македонија да ги преземе потребните чекори за најдобра можна иднина на државата
Вашингтон – САД ја охрабруваат Владата на Северна Македонија да ги преземе сите можни мерки за да се постигне најдобрата можна иднина на земјата, изјавија од Стејт департментот за МИА.
– Ова вклучува реформи во судскиот, здравствениот и образовниот сектор, со што ќе се поплочи патот за целосна интеграција во ЕУ, вели портпарол на Стејт департментот.
На прашањето дали дипломатијата на САД помага во надминување на ќор-сокакот со неможноста да се изгласаат уставните измени како предуслов за напредок во претпристапните преговори со ЕУ, портпаролот вели дека одговорот за тоа треба да се бара на претстојните избори.
– Се надеваме дека на претстојните избори гласачите ќе бараат транспарентност и одговорност од избраните лица и ќе побараат посилна, подобра и попросперитена земја која ја заслужуваат, изјави портпаролот. (20 декември)
Бесими: Со 560 милиони евра од ЕИБ, ЕБОР, ЕУ и ИПА го заокруживме финансирањето на изградбата на пругата кон Бугарија
Скопје – Министерството за финансии обезбеди 560 милиони евра за завршување на последната делница од железничката пруга на Коридорот 8 до границата со Бугарија, информира министерот за финансии Фатмир Бесими.
– Со ова го заокружуваме финансирањето на проектот за изградба на железничката пруга од Коридорот 8 до границата со Бугарија. Обезбедивме средства во износ од 175 милиони евра од Европската инвестициска банка, исто така, 175 милиони евра од Европската банка за обнова и развој, грант во износ од 149 милиони евра од ЕУ преку ВБИФ и 60,77 милиони евра преку ИПА програмата. Тоа е значајна финансиска поддршка за реализација и завршување на овој децениски проект, рече министерот Бесими по потпишување на Договорите за заем со ЕИБ и ЕБОР во Скопје. (20 декември)
Николовски: ЕУ нуди можност нашите производи да се пласираат на европските пазари
Скопје – Европската Унија значи нова можност за секој земјоделец, носи можност нашите производи да се пласираат на европските пазари, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на панел-дискусијата „Како интеграцијата во ЕУ ги зајакнува македонските земјоделци“.
Во излагање министерот направи пресек на сите чекори што се прават за приближување кон Европската Унија во делот на земјоделството. Тој информираше дека земјата има 100 проценти искористеност на ИПАРД 2 програмата, додека, во новата, ИПАРД 3 програма, рече дека има 97 милиони неповратни европски средства за модернизација и развој на македонското земјоделството. (20 декември)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.