Скопје – Среќен сум што ЕУ сака да учествува во заштитата на шалтер салата на Поштата во Скопје, и културното дело кое се наоѓа во шалтер салата. На тие кои се задолжени за управувањето на Пошта ќе им сугерирам да ја прифатат помошта, вели премиерот Димитар Ковачевски.
Среќен сум што ЕУ сака да учествува во заштитата на ова значајно културно дело,
Димитар Ковачевски, македонски премиер
– Навистина сум среќен што ЕУ сака да учествува во заштитата на ова значајно културно дело кое се наоѓа во шалтер салата на Пошта. И она што е во моја моќ, ќе им сугерирам на тие кои што се задолжени за управувањето Пошта, да ја прифатат таа помош, рече Ковачевски.
Зградата на Централната пошта во Скопје во 2021, се најде на листата на седум најзагрозени споменици во Европа за таа година. Листата ја составуваат Европа Ностра и Европската инвестициска банка, кои уште тогаш објавија дека секој од загрозените споменици на списокот ќе добие по 10.000 евра грант за активност која ќе придонесе кон зачувување. (3 јануари)
Истражување за задоволството на Европејците од квалитетот на животот во нивните градови: Скопјани меѓу најнезадоволните
Брисел – Околу 90 отсто од жителите на ЕУ изразуваат задоволство од начинот на живот во нивните градови, покажува Извештајот на Унијата за квалитетот на животот во европските градови за 2023 година. Но, сепак вакво задоволство не споделуваат и жителите на градовите од Балканот, вклучително и скопјани.
Скопје се наоѓа на 75-то место од 83-те града опфатени со истражувањето со 72% задоволство на граѓаните од животот во градот. Нешто подобро се рангирани Мишколц (74%) и Подгорица (77%), а понезадоволни од скопјани според условите за животот се жителите на Рим (71%), Белград (69%), Неапол и Тирана (по 66%), Истанбул и Атина (по 65%) и на самото дно е Палермо со 65%.
Од друга страна на врвот е Цирих со 97% задоволство, пред Копенхаген и Гронинген со по 96, Гдањск, Лајпциг, Стокхолм и Женева со по 95 и Росток, Клуж-Напока и Брага со по 94% задоволство. (3 јануари)
Македонската евроинтеграција во 2023: Уставните измени го блокираа патот на земјата кон ЕУ
Брисел – Во текот на 2023 година Северна Македонија продолжи со реализацијата на својата втора стратешка определба по членството во НАТО – зачленувањето во Европската Унија. По 15 месеци, на почетокот на декември земјата го заврши скрининг процесот со ЕУ, како прва фаза од преговарачкиот процес што започна во јули 2022 година, а неговото завршување беше предуслов за премин во втората фаза – преговорите по поглавја и кластери. На почетокот на ноември земјава доби покана да ги достави патоказите за реформи и Акцискиот план за заштита на малцинските заедници, како вовед за отворање на преговорите по „Кластерот 1 – Фундаментални вредности“.
Но, согласно Преговарачката рамка, за премин кон преговорите по кластери земјава мора да исполни уште еден предуслов – промена на Уставот. И во заклучоците од декемврискиот Самит на ЕУ е посочено дека Унијата е подготвена да ја комплетира фазата на отворање на пристапните преговори со Северна Македонија, веднаш штом земјата ја спроведе својата заложба за усвојување на уставните измени. (3 јануари)
Шкариќ: Уставни измени во пакет со нов Устав, нема страв од бугаризација
Скопје – Ги охрабрувам наредните власти да извршат уставни измени, бидејќи нема страв од никаква бугаризација, а после тоа Бугарите не можат да нѐ блокираат од аспект на нивните анахрони барања, изјави професорот по Уставно право, Светомир Шкариќ.
Во новогодишното интервју за ВИСТЕЛ, професорот Шкариќ даде свое видување околу уставните измени потенцирајќи дека прифаќањето на промените на Уставот со впишување на Бугарите не значи бугаризација на Македонија.
Впишување на Бугарите во Уставот, не значи бугаризација на Македонија,
Светомир Шкариќ, професорот по Уставно право
– Идниот состав на Собранието ќе ги прифати промените на Уставот со впишување на Бугарите, тоа не значи бугаризација на Македонија, и после тоа треба да се размислува за нов Устав, бидејќи сегашниот со сите амандмани е неспроведлив, посочи Шкариќ. (2 јануари)
Де Кро: На ЕУ и требаат повеќе сопствени средства за да може да одговори на глобалните предизвици
Брисел – ЕУ има потреба од повеќе сопствени средства, бидејќи во услови на руската агресија врз Украина, кризи и актуелните случувања во Газа, европските граѓани очекуваат стратешки решенија од неа за глобалните прашања, оцени белгискиот премиер Александер де Кро во интервју за бриселскиот портал „Политико“.
– Со секој голем предизвик со кој се соочуваме, европските граѓани, дури и оние евроскептичните, чекаат Европа да се справи со тие предизвици, бидејќи земјите сами не можат да го сторат тоа. Ако сакаме да одговориме на тие очекувања, ќе мора да ги пренасочиме нашите приоритети, што неизбежно води до дискусија: од каде пари, изјави Де Кро, чија земја од 1 јануари го презеде претседавањето со ЕУ во првите шест месеци од оваа година. (3 јануари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.