Скопје – Претседателот Стево Пендаровски, во рамки на учеството на 54. Годишен состанок на Светскиот економски форум во Давос, говореше на сесијата „Дипломатски дијалог за Западен Балкан“ при што ја реафирмираше потребата од забрзана интеграција на земјите од Западен Балкан, која, според него, позитивно ќе влијае врз безбедноста, севкупните политички процеси и реформската агенда, како и врз евро-оптимизмот во регионот.
Во фокусот на дебатата беа перспективите за проширување на Европската Унија со земјите од Западен Балкан во поширокиот геополитички и безбедносен контекст, нивната подготвеност за реализација на реформите, очекувањата од европските избори, подобрувањето на економската интеграција на регионот и неговиот раст. (18 јануари)
Џафери – Хасани: По завршувањето на скрининг процесот, Северна Македонија и Албанија подготвени да ја забрзаат евроинтеграцијата
Скопје – Претседателот Талат Џафери оствари средба со министерот за Европа и надворешни работи на Албанија, Игли Хасани во рамки на неговата официјална посетата на земјава.
Како што информира собраниската прес-служба, Џафери истакна дека двете земји споделуваат заеднички цели и интереси на надворешно-политички план во врска со членството во Европската унија, соработката во рамките на НАТО и продлабочувањето на регионалната соработка. Интензитетот на реализирани билатерални посети на сите нивоа, според Џафери, е еден од најдобрите показатели за одличните односи меѓу двете држави. (17 јануари)
Грковска – Гир: Политиките за добро владеење се клучни за пристапувањето во ЕУ и за развој на општеството
Скопје – Вицепремиерката за политики за добро владеење, Славица Грковска, одржа средба со шефот на мисијата на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, на која, како што информира, било разговарано за активностите кои ги спроведува Кабинетот кој таа го предводи и за низа актуелни прашања поврзани со реформските процеси, кои се клучни за пристапување кон ЕУ и се основа на севкупниот развој на општеството.
Грковска, како што информираат од владината прес-служба, на средбата го информирала амбасадорот Гир за новата Стратегија за транспарентност на Владата, која беше подготвена во соработка со граѓанскиот сектор, како и за измените на Законот за рестриктивни мерки и финализацијата на Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка. (17 јануари)
Маричиќ: Политиката на проширување ја прави Унијата исклучително значаен безбедносен, но и политички проект
Битола – Eвропската дипломатија ја поседува токму „меката моќ“, која ја прави да биде важен партнер во меѓународните односи, изјави вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ во видео обраќање меѓународна научна конференција на тема „Промоцијата на „меката моќ“ (Soft power)“.
– Политиката на проширување ја прави Унијата исклучително значаен безбедносен, но и политички проект. Со привлекување нови членки и сојузници преку споделување на европските вредности и создавање на заеднички европски идентитет. Проширувањето е една од најмоќните политички алатки на ЕУ за постигнување мир и просперитет, слобода и демократија. Затоа ЕУ е токму тоа – заедница на суверени држави поврзани за просперитет и во слобода и демократија, истакна Маричиќ.
Тој додаде дека мисијата на мирно обединување на Европа врз основа на слободно изразената и суверена волја на секоја земја е внимателно управуван процес на пристапување врз три клучни принципи, консолидација, условеност и комуникација. (17 јануари)
Шаќири: Европско образование дома не е само барање што ни го наметнува членството во ЕУ, тоа е потреба на нашите ученици и студенти
Скопје – Министерот за образование Јетон Шаќири на панел дискусијата „Младински перспективи: Подобрување на квалитетот на македонското образование преку интеграцијата во ЕУ“, порача дека потребата од европско образование не е само барање што го наметнува членството во ЕУ, туку дека тоа е реална потреба на учениците, студентите и сите останати чинители во образовниот систем.
– Единствен начин да го приближите квалитетот на домашното образование до посакуваните стандарди е да пристапите кон темелна реформа. Зад неа стои и Светска банка како и други релевантни меѓународни организации. Етапно ја реализираме, преку нови наставни програми, вложување во обуки на наставниот кадар и подобрување на инфраструктурните капацитети, посочи Шаќири. (17 јануари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.