Скопје – Планот за раст на ЕУ го гледам како олеснувач кој ги отвора портите кон европскиот единствен пазар и кон слободниот проток на стоки, услуги, капитал и луѓе. Оваа структурирана рамка засилена со финансиска поддршка станува клуч за беспрекорна интеграција. Таа го охрабрува усвојувањето на европските регулативи и стандарди, промовирајќи интеграција и во регионот и во ЕУ. Оваа стратегија за двојна интеграција не само што го забрзува пристапниот процес кон ЕУ, туку носи и брзи придобивки – зголемена трговија и инвестиции, подобрена конкурентност и регионална поврзаност. Планот е мост кој ги поврзува аспирациите со реалноста, рече премиерот Димитар Ковачевски во обраќањето на лидерскиот состанок посветен на Планот за раст на Западен Балкан.
Ковачевски, кој е домаќин на состанокот, напомена дека Планот за раст ги надминува економските стратегиии и е реална движечка сила кон просперитетна иднина на Западен Балкан.
– Планот е моќен симбол за непоколебливата посветеност на реформите, решителен чекор за трансфармација и за усогласување на националните економии со високите европски стандарди, подвлече Ковачевски. (22 јануари)
Копман: Планот за раст нуди значителни придобивки, може да го забрза процесот на пристапување кон ЕУ
Скопје – Планот за раст нуди значителни придобивки и за постојните 27 земји членки на ЕУ. Повеќе царински олеснувања, подобра гранична инфраструктура, интегрирање на системот за регистрација на компаниите е се она што може значително да го намали трошокот на трговијата, посочи генералниот директор за соседство и преговори за проширување во ЕК, Герт Јан Копман во обраќање на денешниот лидерски состанок посветен на Планот за раст на Западен Балкан.
Охрабрен сум од работата која што досега Северна Македонија ја има сработено од агендата за реформи,
Герт Јан Копман, генерален директор за соседство и преговори за проширување во Европската комисија
Тој истакна дека е поттикнат од работата која досега Северна Македонија ја има постигнато од агендата за реформи и напомена оти смета дека Планот за раст може потенцијално да го промени регионот, но може и да го забрза процесот на пристапување кон Европската Унија.
– Денес го гледаме заедничкиот регионален план во рамките на Планот за раст и сметаме дека тоа е клучно за поттикнување на растот но и на зголемување на економијата, рече Копман. (22 јануари)
О’ Брајан: Сите шест земји од Западен Балкан треба да работат заедно за поскоро да станат дел од ЕУ
Скопје – Планот за раст на ЕУ не е како никој друг план досега, бидејќи не треба да правите реформи за да бидете оценувани подоцна, туку тие ќе овозможат побрз пристап до заедничкиот европски пазар. Секоја влада од шесте земји од Западен Балкан се согласи дека ќе ги стават настарна политичките проблеми и ќе работат заедно за луѓето од регионот да добијат вистински можности и поскоро да станат дел од ЕУ, изјави Џејмс О’Брајaн, помошник државниот секретар за европски и евроазиски прашања на САД пред почетокот на лидерскиот состанок за Планот за раст на ЕУ во Скопје.
– САД секогаш стојат зад Северна Македонија и ја поддржуваат Северна Македонија. Навистина сме горди што сме сојузници и што работиме со оваа Влада која во нејзините последни денови е домаќин на оваа важна иницијатива, вели О’ Брајан. (22 јануари)
Рама: Планот за раст на Западен Балкан е голем тест на зрелоста што треба да го поминеме
Скопје – Премиерот на Албанија Еди Рама денеска на лидерски состанок посветен на Планот за раст на Западен Балкан порача дека ова претставува голем тест на зрелоста што треба да го поминеме.
Тој посочи дека договорите кои сега се дел од Планот за раст и заеднички пазар, се дел и од Отворен Балкан и тоа што требаше да биде Берлинскиот процес, за што сите требало да бидат посериозни, но што тоа се претворило во дневна политика и игри на моќ не само во регионот, туку и во ЕУ.
-Кога зборев дека додека треба да чекаме ЕУ да не прими, ајде сите да се вклучиме, сите велеа, не, не. Ценетиот професор и поранешен премиер на Црна Гора, дури ми рече дека не може да се приклучат на процесот, бидејќи ќе се приклучат на ЕУ до 2025 година. Така, влеговме во 2024 година и не сум информиран дека Црна Гора е во ЕУ, изјави Рама. (22 јануари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.