AFP, ANSA, ATA, BTA, dpa, PAP
Како што на годинава ѝ се ближи крајот, Европската Унија и нејзините 27 земји членки се осврнуваат на турбулентните 12 месеци (гео)политика и донесени политики. Од војната во Украина до затегнатите прекуатлантски односи, крупните предизвици околу кои се кршеа копја се чини дека ќе останат.
Влоговите за 2026 г. се високи, со оглед што руската војна на агресија не покажува знаци дека ќе запре, односите на ЕУ со САД се без преседан, блокот се бори да си ја спаси економијата да не потоне, а технологијата продолжува забрзано да се развива.
Можноста за војна со Русија ја засили потребата на европските нации да се вооружат, па наместо да продолжат да ѝ даваат приоритет на зелената транзиција, ги зголемија трошоците за одбрана.
ЕУ има намера да продолжи да си ја поедноставува регулативата за да ја подобри конкурентноста. Меѓутоа, набљудувачите и критичарите ги загрижува можноста некои важни прописи – како напредните закони за климата и дигиталната регулатива – да бидат потиснати во втор план под притисок од земјите членки и од преку Атлантикот.
Украина: ЕУ обезбедува средства, мировните преговори се влечат
Украинскиот претседател Володимир Зеленски кон средината на декември изјави дека Русија се подготвува во 2026 г. да отпочне нова „година на војна“ против неговата земја, откако рускиот претседател Владимир Путин изјави дека Москва „сигурно“ ќе ги постигнела своите цели.
Војниците на Москва напредуваа на источниот фронт последниве неколку месеци, а Путин се пофали со територијалните придобивки на руската армија – и се закани со уште повеќе во наредните недели.
На 18 декември, лидерите на ЕУ се согласија да ѝ обезбедат на Украина 90 милијарди евра за финансирање на нејзината одбрана од Русија. Без нови средства, Украина ќе се најдеше во опасност догодина да има дефицит од 45 до 50 милијарди евра и да мора да го намали военото производство, изјави претседателот на Европскиот совет Антонио Кошта.
ЕУ долго стоеше настрана додека американскиот претседател Доналд Трамп ги координираше напорите за преговори меѓу Киев и Москва за ставање крај на руската војна. Минатиот месец, Вашингтон ги вџаши Украина и нејзините европски сојузници кога им претстави план од 28 точки за окончување на војната, за кој многумина рекоа дека значел потклекнување пред барањата на Кремљ. Откако се вклучија Украина и Европа, планот претрпе извесни промени.
Но, сега на повидок е можноста да дојде до директни преговори меѓу Европа и Русија.
Во интервјуто објавено од државната новинска агенција РИА Новости минатата недела, портпаролот на Кремљ Дмитри Песков рече дека Путин „изразил подготвеност да стапи во дијалог“ со својот француски колега, претседателот Емануел Макрон.
Како последица, француското претседателство ја поздрави подготвеноста на Путин да разговара со Макрон, откако францускиот лидер рече дека и Европа треба повторно да ѝ се обрати на Русија за да ја оконча војната наместо да ги остави САД сами да го предводат дијалогот.
Кремљ, пак, претходната недела ја отфрли можноста за тристрани преговори меѓу Украина, Русија и САД, додека во Мајами руски, украински и европски дипломати, сите одделно, преговараа со САД.
ЕУ – а особено нејзините земји членки на источното крило, како Полска – очекува дека ќе биде ставена на тест и нејзината отпорност на хибридни притисоци како дезинформации, кибернапади и обиди за саботажа.
Западните безбедносни служби ја обвинуваат Русија за цела низа упади со беспилотни летала, саботажи, кибернапади и интернетски кампањи за ширење дезинформации низ Европа, кои ескалираа по нејзината целосна инвазија на Украина во 2022 г.
На почетокот на декември, шефот на германската внатрешна разузнавачка служба предупреди дека е можно Русија да ги засили саботажите, кибернападите и дезинформациските кампањи догодина, кога ќе се одржат неколку регионални избори во земјата што е најголемата економија во ЕУ и силно ја поддржува Украина.
Догодина во Германија се одржуваат пет регионални избори, вклучително и во поранешниот комунистички источен дел на земјата, каде што крајнодесничарската и наклонета кон Москва партија Алтернатива за Германија се надева дека повторно ќе добие поддршка.

Без трговија нема добивка
И трговските односи на ЕУ со важните партнери се сменија годинава, при што врските со САД и со Кина и можноста за трговски договор со земјите од Јужна Америка сè уште се проблематични.
Прогноза за 2026 г.: Ако се покажат точни сегашните проекции, глобалната трговија во 2025 г. ќе надмине 35 трилиони долари, соопштија Обединетите нации. Ова значи зголемување од околу 2,2 трилиони долари – приближно 7% – во споредба со 2024 г., соопштија во последниот извештај за годината.
Но, предвидувањата за 2026 г. се поскромни, според Обединетите нации во соопштението на почетокот на декември. Во ноември, и Европската комисија рече дека догодина економијата на еврозоната ќе расте помалку од очекуваното, бидејќи зоната со единствена валута се соочува со ризична меѓународна трговија и геополитички тензии.
Откако се врати на функцијата во јануари, американскиот претседател Трамп воведе, на пример, неколку бранови нови царински давачки за увоз во Соединетите Држави. Неговата администрација воведе основна царина од 10% за сите земји од април па наваму, со многу повисоки стапки за некои економии.
Со цел да се спречи сеопфатна трговска војна, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и Трамп во јули постигнаа договор за воведување царини од 15% за грото од производите извезени од ЕУ, како автомобили, полупроводници, фармацевтски производи или дрвна граѓа.
Комисијата прогнозира дека зоната со единствена валута ќе порасне за 1,2% во 2026 г., што е намалување во однос на претходната прогноза од 1,4%. За целата ЕУ од 27 земји, Брисел очекува раст од 1,4% во 2026 г., малку понизок од предвидените во мај 1,5%.
Податоците на ЕУ се засновани на примената на царините според договореното. Комисијата соопшти дека економијата на еврозоната годинава била поотпорна и покрај превирањата предизвикани од царините на Трамп.
Семејството на еврозоната се шири: Еврозоната ќе пречека нов член. На 1 јануари, Бугарија ќе ѝ се придружи на зоната со единствена валута, што е значајна пресвртница во нејзината евроинтеграција и покрај одредена доза негодување во самата земја.
Самопрогласената „единствена патриотска партија во Бугарија“ Преродба (Вазраждане) организираше протести против усвојувањето на еврото, тврдејќи дека ќе го поткопало националниот суверенитет и ќе му наштетело на животниот стандард. Портпаролот на ЕК, сепак, потврди дека одлуките за пристапување на Бугарија во еврозоната се конечни и не можат да се поништат пред 1 јануари.
Кон средината на декември, бугарската влада предводена од премиерот Росен Жељазков поднесе оставка поттикната од јавниот гнев поради нејзините економски политики и очигледниот неуспех во справувањето со широко распространетата корупција – и отпочна период на продолжена политичка нестабилност само неколку дена пред земјата да ја добие новата валута.
Трговијата на ЕУ со Кина: Трговските тензии меѓу Кина и ЕУ растат веќе неколку години.
Во 2023 г., Брисел отвори истрага против електричните автомобили произведени во Кина, обвинувајќи го Пекинг дека ѝ помага на индустријата со прекумерни државни субвенции. Пекинг реагираше со свои истраги и царини за увозот од ЕУ како, на пример, алкохолни пијалаци, свинско месо и млечни производи.
Трговскиот судир се интензивира минатиот понеделник, кога Кина воведе привремени царини за увоз од 21,9% до 42,7% за одредени европски млечни производи, според соопштението на кинеското Министерство за трговија.
Кина ја обвинува ЕУ дека значително ја субвенционира својата млечна индустрија. Увозот од Европа, според министерството, видливо им наштетил на кинеските производители. Истрагата за млечните производи ќе продолжи сè дури не се донесе конечна одлука, соопшти министерството.
Справување со бранот мали пакети: А ЕУ, пак, се обидува да се справи со поплавата мали пакети од Кина нарачани преку компании како Шејн и Тему. Лани во ЕУ пристигнале 4,6 милијарди мали пакети – повеќе од 145 во секоја секунда – од кои 91% потекнуваат од Кина, а се очекува нивниот број и да продолжи да расте.
Европските трговци на мало тврдат дека се соочуваат со нелојална конкуренција од странски платформи како АлиЕкспрес, Шејн и Тему, за кои тврдат дека не ги почитуваат баш секогаш строгите европски правила за производи.
Во декември, министрите за финансии на ЕУ се согласија да воведат данок од три евра за увоз на евтини производи во унијата. Данокот ќе биде привремен и ќе биде на сила од 1 јули следната година па сè дури унијата не се согласи околу трајно решение за оданочување на ваквиот увоз.
Европската комисија во мај предложи и данок од две евра на мали пратки. Земјите членки на ЕУ сè уште не се согласиле околу вистинскиот износ на давачката, но се надеваат дека ќе се применува од крајот на 2026 г.
ЕУ-Меркосур, 25 и кусур години: ЕУ предминатата недела соопшти дека потпишувањето на трговскиот договор меѓу ЕУ и четири земји од Меркосур – Бразил, Аргентина, Уругвај и Парагвај – ќе биде одложено за јануари, откако земјоделците протестираа против пактот пред самитот на лидерите на ЕУ во Брисел.
Во исто време, цврстото противење од Франција и назадувањето од страна на Италија и другите земји членки го одолговлекоа договорот.
Договорот на ЕУ со Меркосур би требало да создаде најголема зона за слободна трговија на светот и да му помогне на блокот од 27 земји да извезува повеќе возила, машини, вина и жестоки пијалоци во Латинска Америка во време на глобални трговски тензии.

Налет на ВИ и битката меѓу технолошките гиганти
Со оглед на решеноста на ЕУ да ги намали бирократските пречки за да ја поттикне конкурентноста, клучното прашање за следнава година е дали напорите на ЕУ за дерегулација ќе ѝ помогнат на унијата да фати чекор со технолошките сили – особено во поглед на технологиите во подем, како вештачката интелигенција.
По три години вртоглав раст и сè повисоки проценки, индустријата за ВИ влегува во 2026 г. со сериозни прашања, коишто полека ја заменуваат првичната еуфорија. Во ВИ се истураат големи пари, со очекување трошоците да достигнат над 2 трилиони долари (1,7 трилиони евра) во светски рамки во 2026 г., според консултантската фирма Гартнер.
ЕУ побрза да донесе сеопфатен закон за ВИ, кој стапи на сила лани, но десетици од најголемите европски компании, меѓу кои и Ербас и Мерцедес-Бенц, побараа да се паузираат аспектите за кои рекоа дека се ризични за развојот на иновациите.
Во меѓувреме, и судирот на ЕУ со технолошките гиганти беснее додека Брисел ги преиспитува своите напредни дигитални правила. Препознатливите технолошки правила на ЕУ наидоа на силен отпор кај администрацијата на Трамп – но и кај бизнисите и другите влади.
Брисел негира дека потклекнал под притисокот однадвор, но вети оти ќе им ја олесни работата на бизнисите во унијата од 27 земји и понуди предлози за промена на правилата за заштита на податоците и за одложување на некои делови од законот за ВИ.
Откако го поздравија т.н. „Ефект на Брисел“ според кој се веруваше дека законите на ЕУ влијаат врз правосудствата низ светот, бранителите на права сè повеќе се плашат дека ЕУ ќе се повлече од улогата на супервизор на големата технологија.
Сторијата се објавува неделно. Содржината се заснова на вести од агенциите што учествуваат во ЕНР.
