Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Собранието со 65 гласа „за“ и тројца „против“ ја изгласа техничката Влада предводена од Талат Џафери. На седница присуствуваа 111 пратеници. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се воздржаа од гласање на техничката влада, чија основна задача е организирање фер и демократски парламентарни избори. 

Премиерот Џафери и министрите дадоа свечени изјави по изгласувањето на Владата. 

Во составот на преодната влада прв вицепремиер задолжен за европски прашања е Бојан Маричиќ. Досегашниот прв вицепремиер Артан Груби останува само министер за политички систем и односи меѓу заедниците, а нови лица во Владата, избрани на предлог на ВМРО-ДПМНЕ, се министрите за внатрешни работи и за труд и социјална политика Панче Тошковски и Ѓоко Велковски. Останатите досегашни вицепремиери и министри ќе задржуваат истите ресори. (28 јануари)

Гир: Собранието да не дозволи да се доведе во прашање легитимноста на изборниот процес 

Скопје – Претседателот на Собранието, Јован Митрески, денеска имаше средба со шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир.

Како што соопшти собраниската прес-служба, амбасадорот Гир изрази безрезервна поддршка за новоизбраниот претседател на Собранието и на институцијата, која, како што нагласи, ќе продолжи и во следните месеци со цел заокружување на незавршените активности и законодавни постапки поврзани со реформските обврски, кои произлегуваат од нашиот евроинтегративен пат. 

Гир укажа на важноста за заокружување на почнатите постапки поврзани со одржување на парламентарните избори, со цел да не се доведе во прашање легитимноста на изборниот процес. (29 јануари)

Мерис за МИА: Белгија сака да постигне напредок во проширувањето, интеграцијата на регионот во ЕУ е стратешко прашање

Скопје – За Белгија интеграцијата на Западен Балкан во Европската Унија е стратешко прашање и за време на нејзиното претседавање со Советот на ЕУ и сака да постигне напредок во проширувањето, вклучително и на регионот, изјави во интервју за МИА белгискиот амбасадор во Северна Македонија со седиште во Софија, Фредерик Мерис.

– Белгија е убедена во стратешката важност на проширувањето. Исто така е убедена дека тоа е процес заснован на заслуги, којшто бара и реформи. Но, исто така, во текот на нашето претседателство, сакаме да постигнеме некои резултати во однос на проширувањето, сакаме да имаме преговарачка рамка со Украина и Молдавија, меѓувладини конференции со Албанија и Северна Македонија, како и отворање нови поглавја со Србија и со Црна Гора, посочи Мерис. (27 јануари)

Мицкоски: Македонскиот народ е единствен во Европа кој повеќе од две децении се наоѓа во ходникот и покрај сите отстапки

Скопје – Македонскиот народ на патот кон ЕУ, се соочи со предизвици кои што ги немаше ниту еден народ во Европа, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на настан организирана од Паневропската унија на Македонија.

Според него, ниту еден народ на својот европски не беше уценуван, шиканиран и изложуван на вета како што беше македонскиот народ, за причини што немаат никаква врска со Копенхашките критериуми, туку исклучиво со себични причини, атак и удар врз неговиот идентитет, култура, традиција и обичаи.

– И затоа кога зборуваме за заслугите на еден народ во современа Европа и за припадноста кон европските вредности… можам да кажам дека македонскиот народ е единствен во Европа кој што изминативе повеќе од две децении и покрај сите отстапки што ги направи за тие вредности и во името на тие вредности, се уште се наоѓа во ходникот, рече Мицкоски. (27 јануари)

Северна Македонија започнува со плановите да ја воведе Европската детска гаранција

Скопје – Според Студија на УНИЦЕФ, 12 проценти од децата од 5 до 17-годишна возраст и 9 проценти од децата помлади од 5 години во Северна Македонија се изложени на повеќедимензионална сиромаштија, наведе претставничката на УНИЦЕФ во Скопје, Патриција Ди Џовани во вовдното обраќање на настан посветен на спроведувањето на Европската детска гаранција во Северна Македонија.

– Лишувањето од образование, од здравствена заштита и исхрана, од безбедност, како и од љубовта и негата, најмногу придонесуваат за детската сиромаштија, изјави Ди Џовани, нагласувајќи дека ова укажува на потребата од воспоставување на механизам како Европската детска гаранција.

Ди Џовани нагласи дека особено ранливи се децата Роми, посочувајќи додека во вкупната популација секое деветто дете изложено на повеќедимензионална сиромаштија, во ромската заедница тоа е случај со секое трето дете. (29 јануари)

Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.