Скопје – Вицепремиерот задолжен за европски прашања во техничката Влада, Бојан Маричиќ вели дека е испратена работна верзија на Акцискиот план за правата на заедниците во Брисел, а патоказите ќе се разгледаат и ќе бидат усвоени кога за тоа ќе се создадат услови.
Како што информира, земјава добила неколку циклуси на забелешки кои се вградени во текстот на двата патоказа.
– Испратена е една верзија на Акцискиот план која е определено дека не е конечна, туку дека е работна. Во моментот кога ќе процениме заедно, во комуникација со Брисел, дека треба да се испрати конечната верзија, ќе ја испратиме. До каде е усвојувањето, прашањето треба да се упати до државите членки, тие се уште се во фаза на разгледување на овие документи, истакна Маричиќ. (4 февруари)
Џафери на средба со Гир и амбасадорите на земјите членки на ЕУ
Скопје – Претседателот на техничката Влада Талат Џафери денеска ќе има заедничка средба со шефот на Дегацијата на Европската Унија Дејвид Гир и со амбасадорите на земјите членки на ЕУ во Република Северна Македонија.
Средбата ќе се одржи во Свечената сала на Владата. Во известувањето до медиумите од владината прес-служба се наведува дека не се предвидени новинарски прашања, туку само можност за кратки видео инсерти и фото. (5 февруари)
Османи во Рим на средба со министрите за надворешни работи на Западен Балкан и „Пријателите на Западен Балкан”
Скопје – Министерот за надворешни работи во техничката Влада, Бујар Османи денеска престојува во работна посета на Италија, каде ќе учествува на средба со министрите за надворешни работи на земјите од Западен Балкан и министрите за надворешни работи на земјите од Групата „Пријатели на Западен Балкан”, на покана на министерот за надворешни работи на Италија, Антонио Тајани.
На состанокот, Османи ќе се обрати на работната сесија на тема „Заедничка работа за забрзување на евро-интегративниот процес за Западен Балкан”.
Како што соопшти МНР, во рамки на посетата, Османи ќе има средба и со новите носители на МКарта во Италиja. (5 февруари)
Годишен одмор не можат да си дозволат 55 отсто од Македонците
Скопје – Над половина од Македонците не можат да си дозволат годишен одмор, покажува анализата на статистичкиот портал „Ландгеист“, базирана на податоци на Евростат.
Еднонеделен годишен одмор надвор од местото на живеење не можат да си дозволат 55 проценти од жителите на земјава. Полошо од нас во Европа стојат Албанија каде што 58,3% од граѓаните не можат да одат на одмор, Турција (60,8%), Романија (62,5%), Црна Гора (67,2%) и Косово (69,5%).
Во Грција процентот на луѓе кои не можат да си дозволат годишен одмор е 48,8, во Бугарија 43,8, во Србија 43,6, Хрватска 41,7, а во Словенија 16,7. (5 февруари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.