Скопје – Техничкиот министер за внатрешни работи Панче Тошковски изјави дека добил допис од Брисел дека Европската Унија нема да прави проблем доколку граѓани на Република Северна Македонија треба да патуваат со пасоши со старото уставно име.
– Денеска добив на писмено информација каде Комитетот за патни исправи на Европската комисија одржал состанок, ми беше најавено од белгискиот амбасадор. Ќе имаат разбирање за проблемот и ќе бидат максимално коректни и воздржани во однос на нашите граѓани. Европскиот комитет дава мислење до земјите да имаат разбирање. А ние што правиме – само Македонија, освен Грција, ќе крши основно човеково право на слобода и движење, заради тоа што пратениците од владеачката структура – од СДСМ и ДУИ, не сакаат да стиснат едно копче, рече Тошковски во гостување во емисијата „Ја сакам Македонија“ на Сител. (21 февруари)
Османи: Изјавата на Тошковски за ставот на Брисел за старите пасоши е лоша интерпретација
Скопје – Земјите членки на ЕУ самостојно одлучуваат по однос на тоа како ќе се однесуваат за валидноста на патните исправи. Главно граѓаните немаат поголеми пречки за враќањето дома, но во однос на излегување, нашиот закон не дозволува употреба на старите пасоши. Согласно членот 118 од Уставот не може со закон да се менуваат меѓународни договори, останува да се организираме, да им излеземе во пресрет на граѓаните и да издаваме повеќе пасоши, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Прашан дали МНР има добиено каков и да е допис од ЕК дека земјите членки ќе бидат попустливи за нашите граѓани со старите пасоши, Османи нагласи дека МНР е во постојана комуникација и со институциите на ЕУ и со земјите членки и оти досега официјални дописи имаат добиено само од две земји. Швајцарија потврдила дека го прифаќа пасошот, а БиХ дека нема да ги признава старите исправи. (21 февруари)
Бојмацалиев: Во дописот од комитетот на ЕУ не пишува дека можат да се користат старите документи, оставено е секоја држава сама да одлучи
Скопје – Во дописот на Комитетот за патни исправи на Европската Унија никаде не пишува дека може да се користат старите валидни патни исправи, изјави дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев.
– Таму во дописот никаде не пишува стриктно дека може да се користат патните исправи. Таму пишува дека треба да се изнајде решение, а во моментот сите земји членки да одлучуваат самостојно. И има прашање до нас уште колку ни е потребно време за промена на сите патни документи. Така што ЕУ во моментот нема децидна одлука дали може или не може граѓаните да патуваат во нејзините земји членки и се остава на секоја посебно земја членка да донесат своја одлука бидејќи Република Грција ги има известено а нашата држава ги нема известено дека патните исправи не се во важност, потенцираше Бојмацалиев. (21 февруари)
Фон дер Лајен: Ако повторно бидам избрана, ќе се залагам за проширување на ЕУ на Западниот Балкан
Брисел – Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен денеска во Брисел изјави дека доколку повторно биде избрана на таа функција, ќе биде силен поддржувач на проширувањето на ЕУ на Западниот Балкан.
На прес-конференција во Брисел, таа рече дека отсекогаш била „силен поддржувач на проширувањето“, како и дека таа „многу јасно стави до знаење дека тоа е процес заснован на заслуги“.
– И натаму инсистирам на тоа, но добро е да се види како Западниот Балкан, но и на пример Украина и Молдавија, прават се што е можно за да ги спроведат потребните реформи и да напредуваат кон Европската унија. Така, се разбира, во потенцијалниот следен мандат ќе ме најдете како силен поборник за проширување на Западниот Балкан, рече Фон дер Лајен. (21 февруари)
Хуманитарна донација од Тим Европа и меѓународни партнери
Скопје – Шефот на Делегацијата на Европската Унија, амбасадорот Дејвид Гир, заедно со други амбасадори од земјите членки на ЕУ денеска ќе учествуваат на церемонијата на донации во Јуроп Хаус Велес.
Церемонијата на донирање, како што наведуваат од Делегацијата на ЕУ, е завршен настан на Добротворниот базар што го организираше „Dobredojde Macedonia Welcome Centre“ во декември минатата година, под покровителство на амбасадорот Гир. Тим Европа беше претставена од амбасадите на Бугарија, Чешка, Франција, Германија, Унгарија, Романија, Словачка, Словенија, Полска, Шпанија и од Шведска. На Базарот учествуваа и други меѓународни партнери, како што се амбасадите на Швајцарија и Јапонија, Институтот Конфучие при Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“, Секретаријатот на Југоисточна здравствена мрежа и почесниот генерален конзул на Монголија. (22 февруари)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација.