Скопје – Војната во Украина е најголемата закана за мирот и за европската безбедност, чијшто исход ќе влијае врз поредокот, не само на нашиот континент, туку и во меѓународните односи низ годините што доаѓаат. Војна којашто ќе покаже дали годините на демократски развој во Европа, по крајот на Студената војна, се залудно потрошени за реализација на една апстрактна идеја или, пак, демократијата сè уште е жилава и доволно силна да покаже отпорност кон ретроградните и авторитарни режими и предизвиците коишто тие ги создаваат, истакна денеска претседателот Стево Пендаровски на конференцијата „Украина – две години хероизам“ во организација на Амбасадата на Украина, во соработка со ЦИВИЛ – Центар за слобода.
Пендаровски истакна дека оваа војна ќе покаже дали примената на сила ќе стане основниот принцип којшто треба да ја одредува природата на односите меѓу државите и во ова столетие или ќе остане на сила она што е запишано во Повелбата на ОН дека земјите се рамноправни меѓу себе, независно дали се мали или големи. (26 февруари)
Фон дер Лајен: ЕУ цврсто ќе стои зад Украина до нејзиното конечно ослободување
Киев – Денеска се одбележува мрачна годишнина, но исто така е моментот да се препознае извонредната моќ на отпорот на украинскиот народ на руската брутална инвазија на Украина, порача претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен од Киев каде допатува денеска на двегодишнината од стартот на руската агресија врз земјата, како израз на солидарноста и поддршката на ЕУ.
– Вие, Украинците, му ја покажавте на светот вашата храброст и дека вашата борба за слобода е важна… Вие се борите за безбедноста на целиот наш континент. Затоа зад себе ја имате целата Европска Унија. Повеќе од кога било, ние цврсто стоиме покрај Украина, финансиски, економски, воен и најмногу морално, додека вашата земја конечно не се ослободи, нагласи Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со премиерите на Белгија, Александер Де Кро, на Италија, Џорџа Мелони и на Канада, Џастин Трудо, кои ја придружуваат при посетата, и со украинскиот претседател Володимир Зеленски. (24 февруари)
Џафери на Инвестициски самит за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој
Скопје – Претседателот на техничката Влада Талат Џафери, денеска ќе учествува на Инвестицискиот самит за Западен Балкан на Европската банка за обнова и развој, што ќе се одржи во седиштето на Банката во Лондон, Велика Британија.
Како што соопшти владината прес-служба, Џафери ќе биде придружуван од вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи и министерот за финансии, Фатмир Бесими.
За време на Самитот, техничкиот премиер Џафери ќе присуствува на централниот и придружен настан, а ќе оствари и билатерална средба со претседателката на Европската банка за обнова и развој, Одил Рено-Басо. (26 февруари)
Скопје најрентабилен европски град со средна големина за инвестирање
Скопје – Скопје се најде на врвот на ТОП 10 европски градови со средна големина според ефективноста, односно рентабилност за инвестирање на рангирањето кое го прави економското списание ФДИ интелеџенс, дел од реномираниот меѓународен весник за економија, Фајненшл Тајмс, соопшти Дирекцијата за технолошко-развојни зони.
– Ова е скок од четврто место на кое беше главниот македонски град на минатогодишното рангирање. Годинава и регионот на Скопје исто така се најде меѓу првите десет мали европски региони кои го носат епитетот „градови и региони на иднината“ во однос на бизнис клима и инвестирање. Од главните градови во соседството, Софија е рангирана на 2 место во категоријата на рентабилност, а Белград е рангиран на 8 односно 9 место во категориите рентабилност и деловна клима, се вели во соопштението. (25 февруари)
Македонскиот филм „Врзани“ дел од селекцијата на „European Short Pitch“
Скопје – Краткометражниот игран филм „Врзани“ – режисерското деби на македонската актерка Сара Климоска е дел од селекцијата на престижната „European Short Pitch“ програма, чија финална фаза ќе се одржува од 26 до 29 февруари во Рен во Франција.
Од 2007 година дел од оваа програма беа стотина филмови од краток формат кои потоа остваруваа успеси и премиерни прикажувања низ светските фестивали како Кан, Берлинале, Локарно, Санденс. Од илјадници апликации секоја година, „European Short Pitch“ издвојува вкупно 12 проекти од исто толку европски земји. (26 февруари)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.