Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Брисел – Иако Европската Унија ги споделува вредностите за промоција и заштита на човековите права, со посебен фокус на правата на жените и натаму мораме да бидеме свесни дека работата по овие прашања не е завршена и борбата мора да продолжи, изјави синоќа во Брисел вицепремиерката задолжена за политики на добро владеење Славица Грковска во обраќањето на форумот на високо ниво „Жените во јавниот живот“. 

– Позитивните културни промени се далеку побавни од оние во законодавството и демократските процеси. Затоа е сосема е јасно дека не смееме да отстапиме кога се во прашање заштитата на правата и борбата за пофер и поправедни општества. Тоа значи елиминација на насилството врз жените, пристап до образование и работа и еднаков третман од системот и општеството, но исто така и застапеност во раководењето, претставувањето и носењето одлуки, потенцира Грковска.    

Според неа, еднаш остварената победа не значи дека е трајна и дека со тоа се поразени силите на регресот и антидемократските тенденции кои се непријателски настроени кон принципите на еднаквост и човекови права и кои се возобновуваат на вознемирувачки начин. 

– Затоа мора постојано да го имаме фокусот на овие теми и да сториме се што е во наша моќ да обезбедиме поправеден свет за жените, истакна Грковска, потсетувајќи дека и денес жените вклучени во јавниот живот се соочуваат со стереотипи и предрасуди базирани на полот. 

Таа нагласи дека во однос на правната рамка за правата на жените, Северна Македонија има постигнато голем напредок и е целосно усогласена со законодавството за женски политики на ЕУ, со што во тие постигнувања е понапред дури и од некои членки на Унијата. 

– Но, морам да напоменам дека не така одамна во мојата земја бевме сведоци на назадување за овие теми, дури и за права кои беа остварени во полза на жените пред многу децении. Тоа јасни покажа, дека клучот е во отпорноста и посветеноста за заштита на она што е постигнато, но и постојан напредок кон целосна и ефикасна еднаквоста на сите нивоа, рече Грковска. 

Претходно, Грковска имаше средба со директорот на Генералниот директорат на Европската комисија за соседство и преговори за проширување (ДГ НЕАР), Герт Јан Копман на која главна тема беше Планот за раст на Западен Балкан, во кој еден од столбовите е забрзувањето на реформските процеси во делот на владеење на правото и подобрување на ефикасноста на правосудството и јавната администрација.

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.