Скопје – Измените на Кривичниот законик, визијата, политичката одлучност и консензусот за спроведување на тешки реформи се дел од препораките за кои се дискутираше на тринаесетта сесија на Работна група – 4, Поглавје 24: Правда, слобода и безбедност на тема „Темелни права, правда и слободи преку призмата на механизмот за владеење на правото на Европската Унија“ што се одржа во Скопје.
Кристиан Туркаљ, правен експерт за Западен Балкан, главен преговарач во преговарачкиот тим на Хрватска, сподели дека за да се оди забрзано на патот кон ЕУ, потребно е да се остварат некои претпоставки, како што се одлучност и консензус за реформи.
– Според мене, клучна е визијата, одлучноста на политичката елита во Македонија, еден консензус на главните чинители тоа вистински да се сака, како би се спровеле тешки реформи. Тука доаѓа до тоа да се биде способен да донесеш тешки одлуки, односно, да не се избегнува донесувањето на одлуки. Одложувањето на одлуките само го одложува процесот и всушност гледаме дека процесот станува сѐ покомплексен, рече Туркаљ.
Тој посочи дека треба да се препознае и да се искористи шансата. Тој потенцираше дека независните тела во правосудството мора да имаат капацитет кој опфаќа доволен број на кадар, но, и способен кадар кој што знае да постапува. Според него, стагнацијата на напредокот може да доведе до блокада и доколку нашата држава сака да оди напред, таа треба да го стави целиот интелект на овие поглавја.
Александра Деаноска Трендафилова, професорка на Правен факултет „Јустинијан први“ – Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје и координатор на работната група, на сесијата истакна дека основната порака е дека сме свесни дека состојбите на правото се под мониторинг и дека треба да се проучи механизам за владеење на правото, односно, како што рече, „околу што се врти целата оска“.
– Треба да ги читаме извештаите и директивите што ги даваат другите држави и ЕУ. Имате фиксни параметри што треба да ги исполните, тука може да земеме пример од држави кои добиваат забелешки, а се слични на нашиот систем, да видиме како се соочуваат и да стигнеме до решенија, рече таа.
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.