Скопје – Украинска делегација предводена од заменик-министерот за земјоделска политика и храна Маркијан Дмитрасевич оваа недела ќе престојува во земјава за да ги слушне, но и за да ги согледа практично, на терен, македонските искуства на патот кон ЕУ во делот на аграрот. Зошто Северна Македонија е најдобра во регионот по искористувањето на ИПАРД средствата, како фунционира Платежната агенција, кои се придобивките од консолидацијата на земјиштето, но и предностите од воспоставената Мрежа за сметководствени податоци од фарма (ФАДН), се само некои од успешните политики на земјава кои ќе им бидат презентирани на гостите од Украина.
Првите работни средби на македонските и украинските колеги се одржаа утрово во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а ќе продолжат и наредните денови. Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски и Дмитрасевич најавија зголемување на соработката, посебно во делот на трговската размена. Дмитрасевич се заблагодари за севкупната досегашна поддршка од македонската страна.
– Се заблагодаруваме за македонската политичка и воена поддршка, како и за тоа што се придруживте кон санкциите врз агресоторт. Таа поддршка нема никогаш да ја заборавиме. Иако постојано се случуваат воени судири, иако Русија ги бомбардира и градовите и воените позиции на украинската армија и со ракети и со дронови, за нас е многу важно да се стремиме кон ЕУ и да се движиме кон таа цел, истакна Дмитрасевич.
Според Николовски, Северна Македонија се покажа како искрен пријател и поддржувач на Украина од почетокот на руската инвазија.
– Драго ми е што Украина и покрај воената криза значитечлно напредува на европскиот пат кој е и наш пат, а уште повеќе што ние ќе им го олесниме патот. И ние и тие немаат друга алтернатива, подвлече министерот Николовски.
Тој потсети дека земјава во однос на останатите кандидати за членство во ЕУ е посочена од Европската комисија како една од најнапредните во усогласеноста на земјоделските политки и законодавството, како и според користењето на ИАПРД фондовите, што е уште една потврда, рече, за добро завршената работа. (15 април)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.