Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Брисел – Повразувањето на организираните пазари на електрична енергија од земјите кандидати за членство во ЕУ со оние на државите од Унијата е многу важно, бидејќи со тоа тие може да добијат пристап до европскиот пазар на електрична енергија, изјави за МИА управителот на Националниот оператор на пазарот на електрична енергија – МЕМО, Симон Шутиноски, кој  денеска во Брисел учествува на Форумот за интеграција на пазарот на електрична енергија.

– Интеграцијата би донела големи бенефити за домашните пазари. За нас, како земја аспирант за членство во ЕУ е голем бенефит да бидеме поврзани со европското семејство во тој сегмент на организирани пазари, односно берзи на електрична енергија, истакна Шутиноски, изразувајќи надеж дека првото вакво спојување на нашата со некоја од берзите во членките на ЕУ ќе се случи до крајот на 2026 година.

Токму оваа интерграција на организираните пазари, односно берзите на електрична енергија од земјите кои не се членки на ЕУ со оние на државите од Унијата е главна тема на денешниот Енергетски форум во Брисел и во тие рамки ќе стане збор и за Планот за интеграција на берзите од Западниот Балкан, што треба да биде подготвен до јуни 2024 година.

– Планот има за цел интерграција на пазарите на електрична енергија од земјите кои не се членки на ЕУ. Планот е во изработка. Ние веќе ги имаме доставено нашите податоци и планови. Северна Македонија минатата година преку МЕМО ја формира берзата на електрична енергија во сегментот на тргување ден однапред. Сега нашата цел е поврзување на нашиот ден однапред пазар со некој од пазарите на соседите, пред се со оние што се членки на ЕУ, истакна Шутиноски.

Тој потести дека за таа цел со помош на Секретаријатот на Енергетската заедница во 2018 година е потпишан Меморандум за разбирање со Бугарија за поврзување на пазарите за електрична енергија, во чии рамки веќе се спроведуваат активности, а кон крајот на минатата година во Атина е потпишан Меморандум за разбирање со Грција, Албанија и Косово за поврзување на енергетските пазари, како масивен проект воден од УСАИД.

– Се надевам дека кон крајот на 2026 година ќе го видиме и првото поврзување на нашата берза на електрична енергија со некоја од берзите на соседните земји членки на Унијата, додаде Шутиноски. (17 април)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.