Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје/Брисел Гордана Сиљановска-Давкова ја презеде функцијата претседател на државата од Стево Пендаровски во Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, на официјална церемонија со највисоки државни и воени почести.

Во „Вила Водно“ таа пристигна од Собранието каде што ја даде свечената заклетва за совесно извршување на должноста и со обраќање пред присутните пратеници, дипломатскиот  кор и претставници на политичкиот и општествениот живот.

– Изјавувам дека функцијата претседател на Македонија ќе ја извршувам совесно и одговорно, ќе го почитувам Уставот и законите и ќе го штитам суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста на Македонија  свечено се заколна Сиљановска-Давкова во Собранието. 

Во своето обраќање таа истакна  ќе биде претседателка на сите граѓани, нема да прави разлика меѓу нив ниту по етничка, ни по верска, ниту по полова ни по било која друга разлика. – Ќе се обидам да ги оправдам овие илјадници гласови кои не се само убав подарок за мојот роденден, туку се и најголемата обврска што сум ја имала во животот. Ќе сторам се за да ја оправдам, истакна Сиљановска-Давкова.

Грчката амбасадорка Софија Филипиду ја напушти пленарната сала, во знак на протест поради тоа што Сиљановска-Давкова, при давањето свечена заклетва, не го употреби уставното име на земјава – Република Северна Македонија, туку користеше Македонија.

Министерството за надворешни работи на Грција соопшти дека „билатералните односи со соседната земја и нејзиниот европски пат зависат од целосното спроведување на Договорот од Преспа и употребата на уставното име“, посочувајќи дека „за време на денешната заклетва во Собранието и покрај фактот што во официјалниот текст на заклетвата што ѝ беше диктиран, земјата беше под името „Северна Македонија“, новата претседателка на Република Северна Македонија, г-ѓа Силјановска-Давкова, одбра земјата да ја нарече „Македонија“. – Оваа постапка јасно го прекршува Договорот од Преспа, но и Уставот на соседната земја, кој е усогласен со нејзините меѓународни обврски, соопштија од грчкото МНР.

Во врска со ова се огласи и Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) која наведе дека ЕУ изразува жалење поради фактот што новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова, не го употреби уставното име на државата на денешната церемонија на давање заклетва. – ЕУ потсетува на важноста од целосно почитување на постоечките, правно обврзувачки договори, вклучувајќи го и Договорот од Преспа со Грција, се наведува во соопштението од ЕЕАС.

Претходно и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен во објава на Икс порача дека „за Северна Македонија да го продолжи својот успешен пат кон пристапувањето во ЕУ, најважно е земјата да продолжи по патот на реформите и целосно почитување на нејзините обврзувачки договори, вклучително и Договорот од Преспа“.

Инаку, Фон дер Лајен и претседателот на Советот на ЕУ, Шарл Мишел упатија честитки до Сиљановска Давкова по повод нејзиното официјално стапување на претседателската функција, нагласувајќи ја определбата за соработка во продолжување на европскиот пат на земјата. 

– Честитки Гордана Сиљановска-Давкова, првата жена претседател на Северна Македонија. Вашето лидерство доаѓа во клучен момент, додека вашата земја ги унапредува своите реформи и продолжува на патот кон ЕУ. Со нетрпение очекувам да соработувам со вас, наведе Фон дер Лајен во објава на Икс. 

Честитки до, како што наведе, новата претседателка на Северна Македонија, Гордана Сиљановска Давкова, преку платформата Икс упати и Мишел. – Со нетрпение очекувам да соработувам со вас на унапредување на патот на Северна Македонија кон ЕУ, преку спроведување на реформите и обврските. Иднината на Северна Македонија и Западниот Балкан е во ЕУ, наведе Мишел во објавата. (12 мај)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.