Скопје – Бугарија и Северна Македонија имаат обврска да ги спроведат постигнатите договори во рок од две години, согласно Протоколот потпишан минатиот месец. Во овие обврски спаѓа и промената на учебниците.
Како што изјави вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ, постигнатите резултати меѓу двете страни треба да се имплементираат врз принципот на реципроцитет, вклучително и за историските и образовните прашања.
„Да не заборавиме, тој текст којшто е договорен и Бугарија и Северна Македонија подеднакво имаат обврска да го имплементираат во својот систем и тоа функционира на принцип на реципроцитет, односно важечка е само доколку заедно ги имплементираме во двата системи„, изјави Маричиќ. Тој истакна дека тоа ќе оди во фази и ќе помине низ филтрите на институциите. Заедничката историска комисија меѓу Бугарија и Северна Македонија има задача да утврди точки и наратив текстови за заедничко чествување и за евентуална корекција во учебниците, изјави вицепремиерот. (17 август)
Мерки за штедење струја, нема рестрикции, ќе се зголемува производството
Скопје – Мерки што треба да овозможат заштеда на струја до 15 отсто ќе стапат во сила од 1 септември. Мерките што ги донесе Владата ќе важат за јавните институции и за домаќинствата. Засега нема најава за рестрикции на струја, а се најавува и зголемување на производството.
Исклучување на декоративното осветлување на фасадите на јавните објекти и културните споменици, гаснење сијалици кога има доволно дневна светлина, ладење со клими на не пониско од 27 степени и греење на не повисоко од 20 степени, исклучување на компјутерите по работа, редовно менување филтри на грејните тела и клими, печатење само на потребни материјали, замена на прозорци со енергетски ефикасни, се дел од задолженијата за државните институции. На домаќинствата им се препорачува вклучување бојлер само кога има потреба од топла вода и по можност на евтина струја, разумно користење на грејните тела, рационална употреба на сијалици и користење повеќе дневно светло. (16 август)
Северна Македонија се најде во новиот закон за буџет за одбрана на САД
Вашингтон – Во амандман на Законот за национална одбрана, Конгресот побара од Пентагон да предложи повеќе воени вежби со Северна Македонија следната година, се дознава од нацрт-законот за буџетот за одбрана за следната фискална година.
Согласно амандманот, Конгресот наложува да се достави до Комитетот за вооружени сили на Претставничкиот дом брифинг во врска со плановите за дополнителни НАТО или заеднички вежби на САД и Северна Македонија до 1 декември.
Со овој федерален закон САД го утврдуваат годишниот буџет и расходите на Пентагон и годинава за првпат во него се најде и Северна Македонија.
Во законот се додава дека од суштинско значење е “САД и останатите НАТО членки да продолжат да спроведуваат слични вежби со Северна Македонија и да настојуваат за натамошната интеграција“. (17 јули)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.