Скопје – На 14 јули Владата ја усвои драфт верзијата со придружните елементи на Реформската агенда и таа е испратена до Европската комисија на внатрешна консултација. До 31 јули треба да добиеме повратни коментари за да може после Владата врз основа на тие коментари да ја усвои крајната верзија на Реформската агенда, изјави денеска на прес-конференција министерот за европски прашања Орхан Муртезани.
Тој додаде дека по усвојувањето, следува потпишување договор на Инструментот за реформи и раст и Договорот за заем, по што следи ратификација во Собранието. Муртезани изрази очекување дека во втората половина на септември треба да стигне првата транша од Планот за раст на ЕК.
На новинарско прашање дали во Реформската реформа е ставено укинувањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители и дали очекува негативен одговор од ЕК, вели дека бидејќи се работи за драфт-верзија, не е овластен јавно да споделува информации.
ЕУ и САД изразија загриженост за најавата на премиерот Христијан Мицкоски за можноста за распуштање на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители.
– Распуштањето на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, ќе значи мешање во независноста на судската власт и ќе биде прашање за сериозна загриженост. Исто и за идејата за раздвојување на Академијата за судии и обвинители, изјави Гир во почетокот на јули на Конференцијата за напредокот при спроведувањето на препораките од Оценската мисија на ЕУ од страна на Судскиот совет.
Во април и мај годинава, Европскиот парламент и Советот на ЕУ се согласија земјите од Западен Балкан да добијат 6 милијарди евра од Брисел во рамки на Планот за раст на Западен Балкан. Од тие 6 милијарди евра, за државава се наменети 750 милиони евра, од кои првата транша ќе изнесува седум проценти, односно 52,5 милиони евра. (30 јули)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.