Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Нашите меѓународни партнери, пред се од НАТО и Европската Унија, се задоволни од првите неколку недели од работењето на новата македонска Влада и искрените заложби за спроведување сериозни внатрешни реформи, препознавајќи ги  нејзините капацитети да биде фактор на стабилност во регионот, изјави министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски.

– Во делот на нашите меѓународни позиции, јас би рекол дека од големо значење е фактот што Владата ќе остане сто проценти усогласена со заедничката надворешна и безбедносна политика на Европската Унија, што ќе остане принципиелен поддржувач на Украина, бидејќи во делот на НАТО, тој аспект на безбедноста е едно од клучните прашања, нагласи Муцунски во интервју за весникот „Вечер’.

Во однос на најавите од Грција за поседување „тајно оружје“ при евентуално непочитување на Преспанскиот договор, Муцунски вели дека е неопходно е соседите да бидат обединети во заедничките цели, а политичарите да бидат пацифисти кои користат конвенционални дипломатски алатки.

– Не сакам ни да помислам да го користам зборот „оружје“ во време кога се војува во светот и умираат луѓе. Треба да сме обединети кон заедничките цели, и со Атина и со Софија, како и со сите други земји и од потесниот и од поширокиот регион. Верувам дека има многу повеќе прашања што можат да не обединат отколку прашања што треба да не делат, нагласи Муцунски, додавајќи дека отворените политички прашања треба да се решаваат со меѓусебно почитување и дијалог.

Според него, Владата има проактивен пристап за приближување на државата кон Европската Унија, при што членството мора да биде засновано врз основа на објективни и мерливи фактори, а не на билатерални и политички прашања.

– Нам како Влада сега најлесно ќе ни беше да речеме: „Нашиот став е против, сметаме дека ова не е врз основа не „мерит“ (критериумите), се повлекуваме, а ако сака ЕУ нека не прими“. Но не, ние сме проактивни, нудиме решение. Секогаш сум оптимист и секогаш мислам дека, барем во современиот контекст во кој функционираме, кој е многу подинамичен и различен од дипломатската активност пред 10, 20, 30 години, доколку сте искрен, отворен и понудите логичен пристап, тоа, споено со геостратешкиот интерес, може да вроди со плод, заклучува министерот Муцунски. (2 август)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.