Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Пет години по промоцијата на Стратегија за млади на Европската Унија, младите Европејци се борат со сложени односи со ЕУ. Додека многумина чувствуваат силна поврзаност со Европа, проблемите како што се невработеноста, станбената криза и финансиска зависност продолжуваат да се зголемуваат.

AFP, Agerpres, ANSA, BTA, dpa, EFE, FENA, MIA, STA

Во ноември 2018 година, Советот на Европската Унија и претставници на владите од земјите членки ја усвоија Стратегијата за млади на ЕУ, рамка за соработката за младинска политика на ЕУ за периодот 2019-2027 година.

Оваа стратегија се фокусира на пет принципи и цели: учество и активност, вработување и стажирање, образование и наука, студентска мобилност и поддршка за иницијативи и проекти за младите.

Стратегијата има за цел да ги зајакне врските со ЕУ, да го подобри квалитетот на образованието и да ја намали невработеноста. Каде се младите европејци пет години по усвојувањето на стратегијата,? Колку силно се идентификуваат со ЕУ? И кои се според нив главните придобивки од членство во ЕУ?

Идентификување со Европа, поголема идентификација со татковината

Младите продолжуваат да гледаат кон Европа, според истражувањето „Евробарометар на младите и демократија“ објавено од Европската Комисија пред европските избори во јуни.

Повеќе од 43 отсто од испитаниците имаат учествувано во активности во друга земја од ЕУ. Чести примери се студирање или обука (16 проценти), волонтерство (12 проценти) или работа (12 проценти). Речиси половина од младите испитаници (49 проценти) велат дека се свесни за можностите за финансирање кои ги нуди програмата на ЕУ за образование, обука, млади и спорт – Еразмус+.

И покрај високото ниво на идентификување со ЕУ, многу млади Европејци се дефинираат себе си во однос на нивната националност, а не според нивниот европски идентитет.

На пример, 79 отсто од младите Италијанци гордо се опишуваат себе си како „деца на Европа“, а истовремено 8 од 10 млади се чувствуваат повеќе како Италијанци отколку како Европејци. Ова се резултатите од анкетата на порталот Скуола.нет (Skuola.net), со 3,100 италијански девојки и момчиња на возраст од 13 до 29 години, спроведена пред годинешните европски избори.

Сепак, не сите земји имаат млади луѓе кои силно се идентификуваат со ЕУ. Во информативниот документ, базиран на податоците на ГЛОБСЕК од 2023 и 2024 година за бугарското јавно мислење во однос на клучните димензии на домашните и меѓународните општествено-политички ставови, се забележува дека 71 проценти од младите во Бугарија ја сметаат ЕУ за диктаторска. Ова се одразува во многу силната перцепција дека „ЕУ диктира што да се прави без Бугарија да има моќ да влијае на тоа“.

Мирот и слободата на патување: Значајни достигнувања и високи очекувања

Околу половина од младите Европејци ја сметаат слободата на патување за една од најголемите достигнувања на ЕУ, укажува анкетата „Млада Европа 2024“ спроведена од компанијата за анализирање податоци ЈуГов (YouGov) за германската ТУИ фондација (TUI Care Foundation). За други големи достигнувања се сметаат слободата за движење и работа во ЕУ, еврото како заедничка валута и програмите за размена како што е Еразмус+ програмата.

Анкетата спроведена од порталот Скуола.нет покажува дека за младите Италијанци најмалку поволните аспекти се економските ограничувања на кои земјата мора да се подложи за да биде дел од ЕУ (40 проценти), справување со мигрантите (25 проценти) и конечно, зависноста на Италија од посилните нации во многу аспекти на политиката на заедницата (19 проценти).

Според истражувањето на Евробарометар во мај, младите во Словенија очекуваат ЕУ да обезбеди мир, да ја засили меѓународната безбедност и да унапреди меѓународна соработка. Словенците се исто така се над европскиот просек во нивните очекувања за борбата против сиромаштијата и економската и социјалната нееднаквост.

Невработеноста, станбените трошоци и финансиската зависност ги загрижува младите Европејци

Научниот труд „Млада Европа 2024“ покажува дека младите сметаат дека миграцијата, климатските промени и економска политика се најважните актуелни политички прашања во ЕУ. Сепак, младите во многу други земји исто така се загрижени и за нивната лична финансиска ситуација и животниот стандард.

Податоците на Европската статистичка служба – Евростат покажуваат дека во Словенија главните проблеми на младите се поврзани со станбената криза и недостигот на постојана работа, иако Словенија е земја со една од најниските стапки на невработеност за луѓето под 25 години. Стапката во земјата изнесува 7,8 отсто, во споредба со онаа во останатите земји во ЕУ од 14,4 проценти. Поради станбената криза и недостигот на постојана работа, младите подоцна се осамостојуваат. Зголемената појава на проблеми со менталното здравје кај младите, вклучувајќи ги и последиците од пандемијата, исто така е загрижувачка.

За младите во Романија, недоволниот број добро платени работни места, квалитетот на образованието и проблемите поврзани со животниот стандард се сметаат како главни проблеми, укажува националното истражување насловено „Младите во Романија во изборната 2024 година“ спроведено од институтот за евалуација и стратегија (ИРЕС) во Романија. Истражувањето покажало дека ЕУ е втората институција со најголема доверба (51 отсто), по академската заедница (56 отсто), додека најмала доверба има во медиумите.

Според „Евробарометар за млади и демократија“ објавен од Европската комисија во мај пред изборите за Европскиот парламент, Романија забележала највисок процент во ЕУ во однос на вклученоста на младите во менување на општеството (57 проценти) и влијанието на постапките на ЕУ врз нивниот секојдневен живот (41 проценти).

Повеќе од една третина од младите во Романија имаат мала или воопшто немаат доверба во демократијата во земјата. Интересот на младите за политика е низок (само 6 проценти). Недостатокот на надеж доведува до тоа дека двајца од тројца млади во земјата размислуваат за привремена или трајна миграција надвор, при што 68 проценти од нив веруваат дека земјата се движи во погрешна насока.

За младите Шпанци, невработеноста останува најголемиот проблем, каде еден од четири млади се невработени. Според Евростат, Шпанија беше земја членка на ЕУ со највисока стапка на невработеност кај младите во јуни оваа година, со 25,9 проценти. Просекот на ЕУ беше 14,4 проценти.

Мислењето на младите во земјите кандидати за членство

Во март 2024 година, Босна и Херцеговина доби зелено светло за отпочнување на преговорите за членство во ЕУ, што значеше чекор напред во процесот за пристапување кон Унијата и обезбеди бројни можности за подобрување на условите за младите во земјата.

Постои видлив интерес помеѓу младите во Босна и Херцеговина за интеграција во ЕУ, сепак, многумина се скептични поради бавниот напредок на реформите и политичките пречки во земјата. Извештајот на Европската Комисија од 2023 година наведува дека политичката клима честопати страда поради етничките тензии и реториката која ги поткопува државните институции, што дополнително го комплицира целиот процес.

Понатаму, анкетата на УСАИД од 2022 година покажа дека младите во Босна и Херцеговина генерално се песимистички настроени во врска со ситуацијата во земјата, особено поради високата стапка на невработеност и корупцијата. Иако некои аспекти се подобруваат, довербата во политичките институции останува ниска што влијае на нивните перцепции за интеграција во ЕУ.

И покрај овие предизвици, многу млади луѓе сè уште ја сметаат Европската Унија за клучен фактор за идниот напредок на Босна и Херцеговина. Затоа, спроведувањето на потребните реформи и постигнувањето успешен исход во преговорите со ЕУ може да донесе значајни промени, да ги подобри условите за младите и да го зајакне нивното чувство на припадност кон европските вредности.

Во меѓувреме, многу млади луѓе од Босна и Херцеговина се преселиле во ЕУ во потрага по подобри животни услови, наместо да чекаат европските стандарди да пристигнат во Босна и Херцеговина.

ЕУ спроведуваше стратегии за поддршка на младите во Северна Македонија во нивниот образовен, професионален и личен развој, првенствено преку стимулирање на учеството на младите во граѓанското општество.

Во извештајот на Европската комисија за Северна Македонија за 2023 година се забележува дека преку програмата за европска гаранција за млади биле обезбедени придобивки за повеќе од 9.400 млади луѓе во регионите на Северна Македонија каде се забележуваат највисоки стапки на невработеност на младите.

Сепак, анкетите за јавното мислење покажуваат дека младите во Северна Македонија се песимистички настроени во врска со посветеноста и вистинските намери на политичарите да донесат некои позитивни промени во земјата. Истражувањето спроведено од страна на невладината тинк тенк организација Социетас цивилис со седиште во Скопје во соработка со Фондацијата Конрад Аденауер, покажува дека само 53 проценти од населението на возраст од 18 до 24 години целосно го поддржуваат пристапувањето на Северна Македонија во ЕУ.

Сторијата се објавува неделно. Содржината е заснова на вести од агенциите кои учествуваат во ЕНР.