Скопје, 3 септември 2024 (МИА) – Криминалците нема да профитираат од проектот со Коридорот 8, односно изградбата на кракот до границата со Бугарија, а Владата со помош на Брисел ќе најде техничко решение, истакна денеска премиерот Христијан Мицкоски.
– Во комуникација сме со одговорните во Брисел, подготвени сме на технички дијалог. Ја прифативме понудата да учествуваме во процесот во Брисел во кој заедно ќе најдеме техничко решение. И добро е што се изборивме да не потрошиме најмалку 500 милиони евра пари на македонските даночни обврзници и 250 милиони евра пари на европските даночни обврзници во процедура полна со технички недостатоци и основано сомнение за корупција и криминал, изјави Мицкоски.
Мицкоски побара трпеливост во однос на прашањето за пријавување на понудениот поткуп за реализација на проектот.
– Она што е важно е што тие криминалци нема да профитираат од овој проект, бидејќи Министертсвото за транспорт ги повлече членовите од тендерската комисија. Тендерската комисија сега нема легитимитет да одлучува и очекувам оваа тендерска постапка да биде поништена за делот 3 од Коридорот 8, односно пругата меѓу Куманово и граничен премин Бугарија, рече Мицкоски.
Според него, добро е што граѓаните нема да потрошат половина милијарда евра за изградба на, како што нагласи, пола тунел во слепа улица и дека на 30 семејства од Крива Паланка нема да им бидат урнати куќите. (3 септември)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.