Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски во пресрет на утрешната посетатата на Брисел посочи дека на дневен ред ќе биде Планот за раст, а доколкку стане збор за евроинтеграцискиот процес ќе ги брани и одбрани македонските национални интереси. Позицијата на Владата за уставните измени, како што рече, е јасна и сакаме да знаеме дека ако го отпочнеме тој пат дека и ќе го завршиме за три, четири или пет години максимум и деке ќе станеме членка на ЕУ, како што ни беше ветувано во 2018 година.
Мицкоски рече дека Владата подготвила фантастичен документ за Планот за раст, чија изработа долги месеци била во застој, кој е доставен до Европската комисија и во Скопје и во Брисел. – Со формирањето на Владата го поднесовме во канцеларијата на Европската комисија тука во Скопје, за потоа да пристигне во Брисел. Тоа е целта на мојата посета и работен ручен со старо-новата претседателка на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, рече Мицкоски.
Доколку стане збор за евроинтеграцискиот процес, како што рече, тој е оној кој што треба да ги брани и да ги одбрани македонските национални интереси, како и во минатото, кога бевме во опозиција, така и сега како Влада.
– Дури сега имаме и повеќе аргументи. Сакаме да ги претставиме аргументите, сакаме фрустрацијата која ја чувствуваат македонските граѓани, да ја пренесеме таму, бидејќи таа е голема, огромна би рекол, по повеќе од две и половина децении откако го почнавме овој наш пат кон Европската унија и повеќе од деценија и пол откако официјално го добивме првиот позитивен Извештај од страна на Европската комисија за почнување на овие преговори. Ние не сме во можност да почнеме не заради тоа што не ги почитуваме Копенхашките критериуми, туку затоа што има вештачки наметнати пречки, коишто ниту еден народ, ниту една држава ги немала, изјави Мицкоски.
На новинарско прашање дали идејата за уставни измени со одложено дејство може да биде дел и од разговорите во Брисел, Мицкоски одговори дека не би сакал да коментира, но оти се јасни позициите на Владата по ова прашање.
– Позицијата на ВМРО ДПМНЕ, позицијата на Владата е јасна. Мојата позиција е јасна. Доста беа порази, доста беа политики и дипломатија на свиткана кичма и на бакнување чевли. Сега имаме политика и дипломатија, која што се темели на двонасочна улица. Сакам да збориме за вредности, за почитување на човековите права и да знаеме дека ако го отпочнеме, како што ни беше ветувано во таа 2018 година, дека за три, четири, пет години максимум, ќе го завршиме тој пат и ќе бидеме членка на Европската Унија, изјави Мицкоски, додавајќи дека се останато се приказни и замки на коишто ниту Владата, а ниту тој како човек, немаат намера да наседнуваат.
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.