Скопје – Претседателката на Либерално демократската партија (ЛДП), Моника Зајкова е номонирана за потпретседателка на Алијансата на либерали и демократи за Европа (АЛДЕ), како единствената кандидатка од регионот на Западниот Балкан.
– Голема чест и одговорност е да се биде кандидатка за потпретседателка на Алијансата на либерали и демократи во Европа, која во моментот е многу важна сила во Европскиот Парламент, а од чии редови доаѓа и новата еврокомесарка за проширување Марта Кос. Време е да изградиме посилна, пообединета и поиновативна Европа, во која секој глас ќе биде слушнат. Потребно е да создадеме „Алијанса за нас сите“. Алијанса за неа, за него, за младите, возрасните, луѓето со различна религиска припадност, маргинализирани групи, изјави Зајкова по повод номинацијата.
Според неа, АЛДЕ ќе се насочи на спроведување реформите, ќе обезбеди заокружување на процесот на проширување, ќе работи на задржување на граѓаните на европско тло преку развој на иновации, претприемништво, создавање еднакви можности и критериуми за бизнисот и поддршка на малите и средни компании, старт-апи и поп-ап бизниси. – Кога секој граѓанин ќе може да создава среќен живот под еднакви услови во сите градови на Европа, само тогаш може да кажеме дека сме успешна и силна Унија, потенцираше Зајкова.
Таа е една од 11-та кандидати за потпретседателската функција, за кои ќе се гласа на претстојниот Конгрес на АЛДЕ, што ќе се одржи во Португалија од 4 до 6 октомври 2024 година, а на кој воедно ќе се избира и претседател на партијата. Покрај Зајкова, на листата на кандидати за потпретседатели на АЛДЕ се и Јоко Алендер од Естонската реформска партија (ЕР), Бернардо Бланко од португалската Либерална иницијатива (ИЛ), Сал Брингтон од британските Либерални демократи (Либ Демс), Лукреција Конти од италијанската партија Европски либерални демократи (ДЛЕ), Рик Даемс од белгиската Отворени Фламански либерал и демократи (Опен ВЛД), Јоар Форсел од шведската партија Либерали (Л), Јевгенија Кравчук од украинската партија Слуга на народот (СН), Јоуни Оваска од финската Партија на центарот (КЕСК), Лусија Плавакова од партијата Прогресивна Словачка (ПС) и Кира Рудик од украинската партија Глас (Голос).
Како што соопшти ЛДП, Зајкова има силна поддршка од либералните партии од Југоисточна Европа, кои ја препознаваат нејзината визија за обединета, иновативна и одржлива Европа. Нејзината кандидатура е поддржана од либералните партии членки во Либералната мрежа на Југоисточна Европа (ЛИБСЕЕН). (25 септември)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.