Њујорк – Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски по информациите дека Северна Македонија и Албанија се раздвојуваат на патот кон ЕУ, вели дека ние мора да останеме посветени на реформите, а оти од надворешнополитичка гледна точка ќе ја продолжиме комуникацијата и со нашите стратешки партнери и со земјите членки на ЕУ – да ги убедиме дека ние сакаме што побргу да се отворат пристапните преговори.
– Тоа е наш клучен приоритет, но бараме воспоставување на систем преку кој што ќе има предвидливост на нашиот пат кон полноправно членство, изјави во интервју за МИА министерот Муцунски.
Запрашан како ги коментира информациите од Брисел дека доколку до Нова година нема уставни измени, ќе прекинат разговорите за наше членство во ЕУ, министерот за надворешни работи вели дека се сомнева дека такво нешто ќе се случи.
– Не сакам да верувам на брифинзи. Сакам да верувам на она што го зборуваме и со политичките претставници на земјите членки, но и со претставниците на ЕУ, а тоа е дека ЕУ останува посветена на Западниот Балкан, дека сака целосна интеграција на Западниот Балкан и од таа гледна точка познавајќи ја и суштината на политиката за проширување како композитна политика на ЕУ се сомневам дека ќе дојде до прекин на какви било разговори со државата, рече Муцунски.
Министерот рече дека нема да ги коментира изјавите на бугарските политичари од деновиве, а за декларацијата рече дека секогаш кога има избори во Бугарија се носи некаква декларација.
– Нема да им ја дадам таа привилегија да навлезам во секојдневниот дискурс на таа кампања, а посакувам поуспешен завршеток на кампања. Да имаме политичка влада, ќе повторам, која со целосен политички легитимитет ќе разговара со нас за сите отворени прашања, бидејќи колку што нас не засега ова закочување на европските процеси верувам дека тие што автентично вруваат во Европската иднина и на Бугарија, сакаат да се одблокира тој процес за заеднички да се движиме напред по исти патишта, рече Муцунски. (28 септември)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.