Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Охрид – Издвојувањето на Албанија на европскиот пат од земјава не значи и нејзино брзо членство во Унијата, а со ваквите потези ЕУ во континуитет покажува неправедност кон нас, порача премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, нагласувајќи дека земјава е недвосмислено определена да продолжи по евроинтеграцискиот пат.  

– Со издвојувањето на Албанија од Македонија во процесот на пристапување, направивте лоша услуга на сите скептици и сите сили кои не веруваат во ЕУ. Ние веруваме во ЕУ. И веруваме во тоа дека членството на Македонија во ЕУ е наш стратешки приоритет. ЕУ во континуитет со вакви потези покажува неправедност кон нас, потенцира Мицкоски во обраќањето на 33. годишната конференција на УМС на ВМРО-ДПМНЕ што се одржува во Охрид. 

Тој истакна дека нам не ни е прв пат да бидеме издвоени во пристапниот процес кон ЕУ. 

– Бевме во иста група со Бугарија и Романија, потоа со Хрватска, па со Србија и Црна Гора, на крај и со Албанија. Јас сум убеден дека ќе се сретнеме пак на тој пак, и тоа им е јасно на сите кои го знаат процесот на проширување и состојбите во ЕУ, но сепак, ние не смееме да дозволиме скептиците да победат и земјата да остане заглавена во геополитичка бесперспективност, рече Мицкоски додавајќи дека во меѓувреме земјава ќе работи посветено на реформите за членство во Унијата и ќе ја менуваме лошата реалност.  

Тој најави дека преку разни институционални канали ќе се обрати и ќе работи со Европската комисија и со партнерите за изнаоѓање решение кое ќе биде достоинствено и согласно националните интереси. 

– Диктати, да биде јасно, не прифаќам. За овој процес е потребно и разбирање од Унијата, која очекуваме да покаже еднаква верба во европската иднина на нашиот регион како што е и нашата верба. Македонија и нашите граѓани премногу дадоа и предолго се заложници на билатерални проблеми и барања… Веќе следната недела ќе испратам писмо до сите инволвирани во кое и на таков начин ќе ја обзнанам и потврдам мојата недвосмислена волја за дијалог, реформи и изнаоѓање решение. Јас сум на располагање за идеи и дијалог и тоа сите скептици треба да го знаат. Темите како изолација се повеќе стравови и психолошки товар за скептиците од најразлична провиниенција. Ќе продолжиме напред, се допаѓало тоа некому или не, нагласи Мицкоски. (6 октомври )

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.