Скопје – Бугарскиот претседател Румен Радев смета дека нема потреба од посредништво во разговорите меѓу Скопје и Софија, за продоложувањето на преговорите на земјава, јави БТА.
На прашање да даде коментар на изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека е подготвен да води преговори со бугарскиот претседател, Радев рече дека отсекогаш бил отворен за дијалог, но, според него, треба да се прави разлика меѓу дијалог и преговори.
– Преговорите меѓу Бугарија и Северна Македонија завршија во јули 2022 година, кога двете земји го потпишаа Билатералниот протокол за Договорот за добрососедство. Ако зборуваме за дијалог, тој треба да се води меѓу Северна Македонија и Европската комисија и тоа врз основа на прифатената Преговорачка рамка за Северна Македонија, која со консензус, едногласно е усвоена од сите земји членки на ЕУ и е прифатена од Владата на Северна Македонија, рече Радев.
Според него, работите се и повеќе од јасни и дека Северна Македонија треба да ги исполни барањата поставени од Европската Унија, а Бугарија, како што рече, може да помага во тој процес. – И ќе повторам по којзнае кој пат, ние сме подготвени и ние треба да помогнеме. Тоа е нашата одговорност, и тоа да помагаме Северна Македонија побрзо и поефективно да ги исполни условите запишани во двостраниот протокол и во Преговарачката рамка, така што би можеле посигурно да чекорат по европскиот пат, изјави бугарскиот поретседател. (13 октомври)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.