Have the article read by OpenAI (Beta). Please note that AI translations may take some time to process.

Скопје – Премиерот Христијан Мицкоски по учеството на Самитот на Берлинскиот процес и по остварените средби е поголем оптимист во однос на очекувањата за евроинтегративниот процес на земјава и е во дилема дали да го испрати најавеното писмо до Европската Унија со кое ќе даде нови идеи за продолжување на преговорите.

– Имавме посета која ме направи поголем оптимист отколку што бев пред посетата. На маргините за време на работниот ручек, но и другите состаноци што ги имав таму, гледам дека има иницијативи, кои ги спомна и германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок на прес-конференцијата со министерот за надворешни работи и надворешна троговија Тимчо Муцунски и мислам дека се она што го водев како разговор и добив како порака и испратив има додадена вредност ако се спореди со состојбата пред мојата посета таму, рече Мицкоски.

Тој не сакаше да го коментира брифингот на специјалниот претставник на Германската Влада за Западен Балкан, Мануел Сарацин дека во Берлин биле одбиени македонските предлози, повторувајќи дека е многу поголем оптимист, после посетата на Берлин отколку што бил претходно.

– Ќе продолжиме да ги решаваме проблемите дома, но ќе се бориме надвор со сите сили, кои ги имаме на располагање, врз основа на Копенхагеншките критериуми, врз основа на вистинските вредности на ЕУ, а тоа не се ултиматуми и диктати, туку разговор, конструктивен дијалог, кој што ќе биде основа за изнаоѓање трајно и долгорочно решение со кое нема едните да бидат понижени, туку напротив сите задно ќе се бориме за одбрана на овие вистински европски врендости, истакна премиерот.

Во однос на најавеното писмо до Европската унија, тој подвлече дека по посетата на Брисел има дилема дали да го испрати бидејќи ги запознал сите со содржината.

– Имајќи предвид дека претседателката на Комисијата доаѓа на 24 октомври, имавме можност во Берлин неофицијално на ручекот да разговараме и на маргините на Самитот на Берлинскиот процес и со канцеларот Шолц имав неофицијална средба, која беше многу пријателска и содржајна, посочи Мицкоски. (16 октомври)

MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.