Атина – Патот на Северна Македонија кон Европа поминува преку Грција и почитувањето на Договорот од Преспа, рече портпаролот на грчката Влада, Павлос Маринакис на денешниот брифинг со новинарите одржан во Солун, јави дописничката на МИА од Атина.
Одговарајќи на новинарско прашање за ЕУ перспективата на земјава, за Договорот од Преспа и евентуална средба на премиерите на двете земји, Христијан Мицкоски и Киријакос Мицотакис, Маринакис коментираше дека му е драго што го прашуваат и што има можност да одговори од Солун, повторувајќи ги позициите на актуелната грчка Влада.
Тој потсети дека актуелната грчка вкадејачка партија Нова демокртаија, кога беше во опозиција не гласаше за Договорот од Преспа и дека тогаш Мицотакис „рече оти штом биде усвоен нема да може да се поништи“.
– Почитувањето (на Договорот од Преспа) е неопходен предуслов на овој пат, за ова не се разговара, ниту пак ќе се промени нешто во оваа констатација и позиција, која е и нашата национална позиција. Размислете колку е оправдана грчката Влада и лично премиерот што не побрза, како што бараа други партии во грчкиот Парламент, да ги ратификува соодветните меморандуми, со што всушност ќе имаше дадено сѐ, пред нашите соседи да го имаат направено минималното. Очекуваме да го направат минималното и очигледното за да водиме која било друга дискусија, рече Маринакис. (17 октомври)
MIA е одговорна за уредувањето за оваа публикација.