Скопје – Финансиска помош за најранливите категории граѓани и за пензионерите, е дел од новиот сет мерки за справување со енергетската и ценовната криза вреден над 350 милиони евра што го усвои вчера Владата. Дел од мерките треба да поминат во процедура во Собрание зашто за нив се потребни законски измени, а дел, согласно Уредбата за кризна состојба ќе може да се операционализираат со одлука на Владата или на одделни министерства.
Премиерот Димитар Ковачевски вчера порача дека приоритет остануваат заштитата на животниот стандард на граѓаните и ликвидноста на компаниите, како и дека мора да има енергенси, парно и струја, но и таргетирани мерки за најранливите категории граѓани.
По 3.000 денари месечно во наредните четири месеци, или вкупно 12.000 денари, ќе примаат 42 000 граѓани од ранливи категории. (10 октомври)
Османи: Отворањето на бугарскиот клуб е провокација и на штета на бугарската заедница во државава
Скопје – Министерот за надворешни работи Бујар Османи смета дека отворањето на бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид е провокација, која оди на штета на бугарската заедница во државава.
-Правото на здружување е неприкосновено, но името не е во согласност со втората точка од Конвенцијата за заштита на малцинства, тоа да се прави во духот на дијалог и пријателство, бидејќи ова име ниту помага во пријателството, туку напротив е основа за раздор и нетрпеливост. Оттука сметам дека е провокација, изјави денеска министерот Османи.
За изјавите на неговиот бугарски колега Миклов во однос на отворањето на клубот во Охрид, Османи рече дека тоа е недозволиво мешање во внатрешните прашања на земјава. Се надевал дека тоа ќе му го кажел во Прага, но не се виделе, а ставот, најави дека ќе му го пренесе на претстојната средба во Берлин на 21 октомври. (8 октомври)
Дединец: Работењето на ТЕ-ТО зимава е од клучно значење за нашиот електроенергетски систем
Скопје – Ретки се земјите кои имаат мали проблеми со енергетската криза и затоа оваа зима ќе биде вистински предизвик за одговорните луѓе во енергетските компании. Од клучно значење за нашиот електроенергетски систем зимава е работењето на ТЕ-ТО Скопје, што се покажа клучно и во 2021 година, , порачува во интервју за МИА, Александар Дединец, експерт од МАНУ во областа на енергетиката и животната средина.
-Нема никаков проблем гасот да дојде до ТЕ-ТО доколку успеат преговорите, бидејќи и Србија се снабдува со природен гас од Газпром. Единствено Газпром ќе треба делот од гасот што ќе биде наменет за работење на ТЕ-ТО наместо до Србија да го дистрибуира кај нас преку гасниот интерконектор со Бугарија, кој руската комапнија го има закупено до 2030 година. Интерес за тоа има и Србија која има недостиг на електрична енергија што треба да ја обезбеди од увоз, додава тој. (9 октомври)
Оваа компилација претставува избор на уредникот од вестите на МИА поврзани со Европа. МИА е одговорна за уредувањето за оваа публикација. Се објавува секој понеделник и четврток.